Месечен надомест во нето износ од 155.000 денари за претседателот на Одборот на директори на Македонски Телеком АД – Скопје е предложен од страна на мнозинскиот акционер Каменимост Комуникации АД Скопје. Оваа предлог одлука треба да биде одобрена на седницата на Собранието на Друштвото, закажана за 21 јули
Претседател на Одборот е Игор Милев, кој на оваа позиција дојде по повлекувањето на Зоран Китанов. Тој како неизвршен член е избор на Владата, која поседува 34,81 отсто во компанијата и златна акција. Беше предложен на почетокот од минатиот месец.
Претходно Милев пет години минал во Царинската управа, како советник на директорот.
Освен за претседателот на Одборот, промена не е предвидена за месечниот надомест на другите членови. Како што се наведува во информацијата доставена до Македонска берза „одлуката за определување на месечен надоместок на членовите на Одборот на директори на Друштвото (Арх. бр. 431766/1 од 18.12.2007 година) останува непроменета“.
Според неодамна објавените податоци за надоместоците што лани биле исплатувани на членовите во Одборот на директори, може да се види дека претходникот на Милев добивал нето-износ од 372.000 денари.
Неговиот заменик Садула Дураки, исто така неизвршен член, примал 93.000 денари.
Неизвршните членови Нина Ангеловска и Бардул Насуфи примале месечно по 62.000 денари, а исто како и независните членови Шкодране Дарлишта и Аќиф Медиу.