Македонски Телеком го продолжува позитивниот тренд на раст и развој во сите сегменти и во првото полугодие од 2023 година. Нашиот главен стратешки фокус останува на интензивното ширење и зголемување на капацитетот и квалитетот на мрежата, особено на оптичката и 5G инфраструктура, за да обезбедиме уште подобро корисничко искуство.
Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA), којашто минатата година бележеше пад, во првите шест месеци од 2023 е зголемена за 7,7 проценти споредено со истиот период минатата година. И нето добивката е во пораст од дури 29,8 проценти.
Вкупните приходи од продажба се стабилни, во чии рамки се бележи раст на приходите од основниот бизнис од 6,3% во мобилниот сегмент и 3,5% во фиксниот сегмент.
Фокус на интензивно ширење и развој на мрежата
Супериорноста на мрежата останува стратешки приоритет и продолжува интензивното ширење на оптичката и 5G инфраструктура. Во првите 6 месеци од годината, бројот на оптички пристапи е зголемен за 11% и изнесува 290 000. Ова е резултат на планот за масовна миграција на корисниците од бакар на оптика во сите делови од државата каде што има оптичко покривање.
Продолжува ширењето и на 5G мрежата, којашто сега е достапна во поголемиот дел од земјата, а до крајот на годината ќе покрива 70% од населението
Фокус на зголемувањето на базата на корисници
Во првите 6 месеци од годината, бројот на корисници се зголемува во сите сегменти, што е потврда за задоволството на корисниците измерено со TRI*M индекс од 94.
Бројот на корисници на широкопојасен интернет е зголемен за 2,8 проценти и изнесува 206,2 илјади, а вкупниот број на интернет пристапи исто така порасна за 2,8 проценти.
Остануваме лидер на ТВ пазарот со удел од 33,8 проценти и раст од 1,2 проценти или 148,7 илјади корисници. Во мобилните комуникации, базата на корисници е зголемена за 3,1 проценти, со што бројот на корисници достигна 1,27 милиони. Во фиксната телефонија, остануваме на водечката позиција со удел од 61,5 проценти и 225 илјади корисници.
„Одличните финансиски резултати од првото полугодие на 2023 година ја потврдуваат нашата долгорочна стратегија за континуирани инвестиции во развојот на најдобрата мрежа и во супериорно корисничко искуство. Остваривме раст на бројот на корисници во сите сегменти и интензивен развој на оптиката, 5G технологијата и пристапот до широкопојасен интернет. И покрај сите предизвици коишто денес влијаат врз бизнисите на глобално ниво, имаме стабилен раст и развој и верувам дека ќе го продолжиме овој тренд и до крајот на годината“ – истакна Славко Пројкоски, Главен директор за финансии на Македонски Телеком.