Дивиденда во бруто износ од 1.667.793.739 денари, или нешто повеќе од 27 милиони евра ќе поделат акционерите на Македонски телеком. Вредноста на акцијата е 19,34 денари, бруто. Ова е предлог по кој ќе се гласа на Собранието на акционери, на 30 мај. Притоа, се наведува, доколку е применливо, компанијата при исплатата ќе ги „задржи и уплати сите даноци, согласно важечката даночна регулатива“. Сите оние, чии имиња се во во акционерската книга на 14 јули годинава, кога ќе се направи пресек, имаат право на дивиденда.
Последен ден на тргување со право на дивиденда е 12 јули, а 13 јули е првиот ден на тргување без право на дивиденда. Исплатата, пак, ќе се реализира до 30 септември.
МКТ ги објави и податоците за надоместоците што лани биле исплатувани на членовите во Одборот на директори. Односно, достапни се информациите само за оние кои се од Македонија. Зоран Китанов, кој е неизвршен член и претседател на ОД, добивал надомест за членство во нето-износ од 372.000 денари. Инаку, работи во К-Пауер Скопје за плата од 30.000 денари.
Неговиот заменик и исто така неизвршен член примал 93.000 денари.
На Нина Ангеловска како неизвршен член на Одборот на директори и биле исплатувани 62.000 денари. Исто така, таа е член и во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, каде што од јануари до октомври добивала надомест од 84.939, а потоа па до крајот на годината по 98.000 денари. Воедно, вработена е на Универзитет за туризам и менаџмент со плата од 30.035 денари.
Неизвршен член на ОД со 62.000 надомест е и Бардул Насуфи, вработен во Општина Струга, каде месечните примања му биле по 42.839 денари.
Истата сума од 62.000 ја примала и Шкодране Дарлишта како независен член на Одборот. Како што е наведено, работи во јавна установа од областа на здраството за плата од 40.000 денари.
Независен член е и Аќиф Медиу, исто така со нето надомест од 62.000 денари.
За членовите на „клучното раководство“, како што наведуваат од МКТ, биле исплќани и други трошоци: „краткорочни користи за вработените (вклучувајќи ги поврзаните даноци) – 71.094.000 денари; законски пензиски придонеси за краткорочните користи 10.964.000; останати законски придонеси за краткорочните користи 4.345.000; користи поради прекин на вработувањето 12.941.000; долгорочни програми за стимулација 44.487.000; останати плаќања 1.884.000“, по што се доаѓа до вкупниот износ од 145.715.000, или 2,36 милиони евра.