Македонската економија годинава ќе забележи раст од 2,5, а во 2025 од 2,9 насто, прогнозира Светска банка во јануарскиот извештај за глобалните економски перспективи.
Во регионот на Западен Балкан, највисок раст годинава ќе има Косово 3,9 (4,0% во 2025), Албанија 3,2 (3,2% во 2025), Црна Гора 3,2 (3,1% во 2025), Србија 3,0 (3,8% во 2025), БиХ 2,8 (3,4% во 2025), Хрватска 2,7 (3,0% во 2025) и Бугарија 2,4 проценти (3,3% во 2025).
Светска банка во извештајот оценува дека во 2023 година економиите во Западен Балкан беа засегнати од намалената надворешна побарувачка, последиците од војната во Украина, зголемената инфлација и од цените на енергенсите и храната.
Дополнително влијание, како што се наведува, има и одложувањето на реформите поврзани со пристапувањето во ЕУ.
Според Светска банка, глобалниот економски раст во 2024 година ќе продолжи да се забавува и ќе биде 2,4 проценти, што е помалку од 2,6 проценти во 2023, 3,0 во 2022 и 6,2 проценти во 2021 година.
Се очекува Еврозоната годинава да постигне раст од 0,7 насто, што е скромно подобрување во однос на минатогодишните 0,4 проценти.
Американската економија, пак, во 2024 година ќе го забави растот од 2,5 на 1,6 проценти, а кинеската од 5,2 на 4,5 проценти.
Во прогнозата се наведува и дека глобалната стапка на инфлација ќе падне од ланските 5,3 на 3,7 проценти во 2024 и на 3,4 проценти во 2025 година.