Со прифаќање на веќе потпишаниот Меморандум за разбирање минатиот месец, помеѓу EBRD и берзите од Братислава, Будимпешта, Букурешт, Љубљана, Варшава, Загреб и од Софија, Македонска берза стана дел од најновата иницијатива на ЕБРД. Таа е осмата, но и единствената членка која е од држава што не е во рамките на Европската унија.
Меморандумот за разбирање има за цел да ја поттикне регионалната берзанска соработка во идентификувањето и спроведувањето на суштински проекти во функција на развој на регионалните пазари на капитал и подобрување на економиите во целина, при што секоја берза ќе делува како рамноправен партнер. Клучните области на кои ќе се фокусира соработката вклучуваат проширување на примарните пазари, подобрување на институционалната рамка за долгорочно штедење на домаќинствата, охрабрување на учеството на индивидуалните инвеститори, промовирање на развојот на нови технологии, зголемување на ефикасноста на регионалната инфраструктура на пазарот на капитал и споделување на најдобрите практики.
Функционалните пазари на капитал се клучни за реалната економија, особено за малите и за средните претпријатија, обезбедувајќи средства за брзорастечките и иновативни компании и овозможувајќи им на домаќинствата да бидат дел во економскиот успех на корпоративниот сектор. Берзите во поширокиот регион имаат витална улога во развојот на локалниот екосистем на пазарите на капитал.
Македонска берза има долгогодишна определба за иницирање и вклучување во разни форми на берзански соработки и интеграции. Поканата да биде дел од оваа најнова иницијатива на ЕБРД и нејзиното вклучување е дополнителен чекор во остварување на оваа стратешка цел, велат од берзата.