Централниот Депозитар за хартии од вредност објави промена на својата сопственичка структура, според која Македонска Берза АД Скопје на 26 април годинава станалa сопственик на 10% од акциите на ЦДХВ со право на глас. Станува збор за акции кои ги продаваше Еуростандард банка во стечај, а ги купи берза. Со овој потег, акционерот, Македонска Берза сега е сопственик на 14,83% од основната главнина на ова акционерско друштво, односно поседува 890 акции.
Централниот Депозитар за хартии од вредност е компанија која повеќе од една деценија претставува еден од институционалните столбови на пазарот на хартии од вредност во државата. Таа е во сопственост на домашни правни лица. Согласно со Законот за хартии од вредност, акционери на Депозитарот може да бидат единствено банки, брокерски куќи, осигурителни друштва или друштва за управување со фондови.