Проектите и активностите на Берзата беа претставени на информативниот настан „Македонска берза на хартии од вредност: Состојби, активности и иницијативи”, наменет за финансиските консултанти кои се дел од Платформата за пристап до финансии 3.0 на активноста на УСАИД – Партнерства за економски раст. Настанот е реализиран во рамки на соработката на Македонската берза и УСАИД, која е во насока на зголемување на финансиската способност, продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор. Но, со акцент и на факторите кои влијаат врз животната средина и општественото опкружување при носењето корпоративни одлуки.
Пред присутните на настанот била објаснета постапката за издавање хартии од вредност преку приватна и јавна понуда и условите за котација на Берзата. Исто така, претставен е и деловниот Клуб БУМ, создаден да помогне во премостувањето на јазот меѓу инвеститорите и компаниите – членки на Клубот, во нивните обиди за финансирање на сегашните или идни деловни идеи и проекти, со посебен акцент на процесот на небанкарско финансирање на бизнисите.
Соработката со УСАИД е со цел преку координација, градење на локални капацитети, искористување на постоечките и развој на нови финансиски инструменти да се одговори на потребите на приватниот сектор за раст и развој, како и барањата поврзани со заштита на животната средина, општествените прашања и управувањето. Овие заеднички активности ќе придонесат за обучување на консултанти и компании за целите, критериуми и индикатори што треба да се следат, мерат и анализираат при спроведување на ESG (Environmental, Social and Governance) стандардите. Дополнително, преку соработката приватниот сектор ќе може детално да се запознае со основите правила, принципи и новостите во однос на тргувањето со хартиите од вредност издадени од акционерските друштва, наведено е во соопштението од Македонска берза.