ПОВЕЌЕ

    „Македонијатурист“ со променето раководство: Доне Таневски се повлекува, нов директор Мирјана Таневска-Ефремова

    Време зa читање: 2 минути

     

    Промени на кормилото на „Македонијатурист“ АД Скопје. Мандатот заврши за членовите на Управниот одбор – Доне Таневски претседател, Соња Бибановска и Мирјана Таневска–Ефремова. Во новиот состав со шестгодишен мандат и право на реизбор се Мирјана Таневска-Ефремова како претседател, заедно со Зоранчо Поповски и Илија Тренески. Одлуката е донесена на последната седница на Надзорниот одбор.

    Тоа значи дека по повеќедеценското управување со најголемата домашна хотелиерска компанија, „Македонијатурист“, во чиј состав се хотелите „Холидеј ин“, „Турист“, „Карпош“, „Јадран“, „Бристол“, „Белви“ и „Водно, Таневски се повлекува од директорската позиција. На која доаѓа неговата ќерка.

    Доне Таневски важи за еден од најискусните бизнисмени во областа на хотелиерството, каде што е активен повеќе од 50 години. Позициите на „Македонијатурист“ ги зацврстил преку успешните вложувања во депозити и во хартии од вредност. Инаку, како сопственик на хотелиерската компанија поседува 88.582 обични односно 19,587 отсто од акциите (состојба од 31 декември 2022). Од „Форбс“ беше рангиран меѓу петмината најбокати Македонци.

    Втор најголем акционер е неговата долгогодишна соработничка Соња Бибановска, менаџерка на „Холидеј Ин“. Таа има 50.953 обични акции или 11,267 проценти од акциите на компанијата. Со престанокот на мандато во УО, и таа се повлекува од првиот раководен тим. Инаку, Бибановска до 2020 година беше претседател на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија и е член на УО на СКСМ.

    Всушност, Таневски од неодамна е претседател на Надзорниот одбор на „Македонијатурист“. Во тој состав се Верица Хаџи Василева – Марковска како независен член, Владо Богдановски и Ѓорѓи Јанчевски (независен член).

    Што се однесува до потврдата за доброто работење на компанијата, лани годината е завршена со нето-добивка од 30,87 милиони денари или повеќе од 500 илјади евра, во споредба со претходната 2021 година кога изнесувала 356,8 илјади евра (21,99 милиони денари).

    Со состојба од последниот ден на минатата година, вкупниот износ на основната главнина на „Македонијатурист“ изнесува 11.559.433,32 евра, а издадени се 452.247 обични акции со номинална вредност од 25,56 евра по акција. Во сопственост се на 602 акционери.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично