Македонија првпат добива јасни критериуми за ранливите домаќинства кои се соочуваат со енергетска сиромаштија. Загрозените семејства ќе се препознаваат според ниските приходи, високите трошоци за енергија во семејниот буџет и по ниската енергетска ефикасност на домаќинствата. Овие параметри ќе бидат основа за креирањето на годишните програми за заштита на ранливите енергетски потрошувачи.
Драфт-верзијата на Методологијата за мерење на нивото на енергетска сиромаштија доби позитивен одговор од Секретаријатот на Енергетската Заедница, соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Документот е во согласност со европските стандарди и со обврските кои произлегуваат од Директивата (ЕУ) 2019/944, која ги задолжува земјите да воспостават и објават критериуми за утврдување на енергетската сиромаштија.
Тоа значи дека методологијата е целосно прифатлива за објава, а воедно претставува и прв ваков систематизиран документ во земјава кој ќе овозможи реално мерење и следење на овој феномен.
Од Министерството наведуваат зошто е важна оваа методологија:
- Ќе овозможи институциите да имаат јасна слика за обемот и структурата на енергетската сиромаштија во земјата.
- Ќе послужи како основа за креирање таргетирани политики и мерки за заштита на домаќинствата кои најмногу се соочуваат со тешкотии при обезбедување енергија.
- Ќе придонесе кон усогласување со европските практики и стандарди, како дел од пошироката агенда за енергетска транзиција и социјална одржливост.
Министерството за енергетика веќе работи на следните чекори – подготвување на годишна програма за заштита на ранливите потрошувачи, каде методологијата ќе биде централна алатка за дефинирање на приоритетите и интервенциите.
„Со оваа методологија за првпат систематски ќе ја измериме енергетската сиромаштија во земјава. Тоа ќе ни овозможи јасно да ги идентификуваме домаќинствата кои се најпогодени и да креираме прецизни, таргетирани мерки за нивна заштита. Нашата цел е никој да не биде оставен на маргините. Ова е силен чекор напред кон една поправедна и посоцијално одржлива енергетска политика“, истакна Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Со ова, Македонија прави значаен исчекор во градењето на праведна енергетска политика која се грижи за граѓаните и ја става социјалната димензија на енергетската транзиција во фокусот.