
Секоја држава си има свои залихи на злато. Тие се оние златни шипки или плочки чии фотографии го обиколуваат светот кога се зборува за таканареченото монетарно злато.
Монетарното злато се користи за монетарни цели, а не за индустриска или комерцијална употреба. Тоа претставува: злато во форма на шипки (златни прачки) или плочи со висока чистота (обично над 995/1000) и е во сопственост на централни банки, монетарни власти или меѓународни финансиски институции (како ММФ). Монетарното злато се користи како дел од девизните резерви на една држава.
Анализата што ја направи порталот Пари во согласност со последните податоци од Народната банка покажува дека Македонија има монетарно злато во вредност од 647,8 милиони евра, што е 13,6 насто од вкупните девизни резерви.
Светскиот совет за злато објавува колку тони злато имаат одделни земји. Според нивните податоци, Македонија има 6,9 тони монетарно злато.
ЗОШТО Е ВАЖНО МОНЕТАРНОТО ЗЛАТО?
Златото е важна компонента на резервите на централните банки поради неговите карактеристики на безбедност, ликвидност и поврат – трите клучни инвестициски цели за централните банки. Како такво, тоа е значајно за неговите сопственици, сочинувајќи околу една петтина од вкупното злато што е ископано низ историјата, пишува Светскиот совет за злато (World gold council) (https://www.gold.org/goldhub/data/gold-reserves-by-country). Според извештајот што го презентираа, златото во јули сочинува околу 21,7 насто од глобалните официјални резерви. Но, во Еврозоната процентот е 66,5 насто. Најголема количина на злато имаат САД – 8.133 тони, а најмала на листата 100 земји има Исланд – 2 тони.
ТОП 10 држави со најмногу монетарно злато

Според презентираните податоци од Светскиот совет за злато, земјите во светот поседуваат вкупно 36.359,7 тони монетарно злато, а само Еврозоната има 10.764,7 тони.
МАКЕДОНИЈА Е НА 81. МЕСТО МЕЃУ 100 ЗЕМЈИ
На листата од 100 земји, Македонија го зазема 81-то место по количината на монетарно злато што ја поседува. Пари го анализира и рангирањето во однос на земјите од Регионот. По својата големина, Македонија обично се споредува со Словенија, а оваа земја има помалку монетарно злато од нас, односно 3,7 тони, и вредносно тоа учествува со 12,1 насто во девизните резерви. Најмногу монетарно злато во Регионот има Србија – 50,8 тони, што е 16,6 насто од нејзините девизни резерви.

КАКВА Е СТРУКТУРАТА НА НАШИТЕ ДЕВИЗНИ РЕЗЕРВИ?
Вкупните девизни резерви во август биле 4,75 милијарди евра, а најголем дел од нив се пласирани во хартии од вредност ‒ 74,6 насто, по што следува монетарното злато – 13,6 насто, и на крај валутите и депозитите со учество од 11,7 насто.

Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








