
Според податоците презентирани во Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година изработен од Асоцијацијата за е-трговија, користењето на интернетот во Македонија бележи силен и забрзан раст, односно во 2024 година, дури 91,1% од граѓаните користеле интернет во последните три месеци, што претставува највисок раст во регионот (+6,8 процентни поени) и ја позиционира Македонија веднаш под просекот на ЕУ-27 (92,8%). Овој резултат не е само статистика, тој е јасен сигнал дека дигиталниот потенцијал на пазарот е реален и активен. Сè повеќе граѓани се онлајн, сè почесто и сè подлабоко интегрирани во дигиталниот секојдневен живот.
Дополнително, 96,6% од нив го користат интернетот секојдневно, што ја става земјата над голем број развиени европски економии. Ова покажува дека, еднаш кога пристапот е обезбеден, интернетот станува навика, алатка и простор за комуникација, информирање и купување. Но, високата онлајн активност не значи сама по себе и силна е-трговија.
Извор: Eurostat 2024
Имено, иако интернетот е секојдневие за поголемиот дел од граѓаните, само 63,2% од интернет корисниците практикуваат онлајн купување. Во развиените земји како Ирска, Холандија и Норвешка, над 90% од интернет корисниците купуваат онлајн, додека европскиот просек е 76.6%.
Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година укажува и на јасен парадокс: иако граѓаните во Македонија се многу активни онлајн, тоа не секогаш се претвора во економска активност. Користењето на интернет за комуникација односно телефонирање, видео пораки и инстант пораки го прават 97% од македонските корисници, што е повеќе во споредба со европскиот просек од 91,6%. Слично, учеството на социјални мрежи е високо застапено: 84,1% од македонските корисници ги користат, наспроти 70% од европските интернет корисници.
Сепак, кога станува збор за активности клучни за развојот на е-трговијата, Македонија значително заостанува зад Европа. Интернет банкарство користат само 43% од македонските корисници, во споредба со 72,4% на ниво на Европа. За онлајн продажба на производи интернетот го користат 13,8% од македонските корисници, додека европскиот просек изнесува 24,5%. Исто така, користењето на е-пошта е присутно кај 52,9% од македонските корисници, наспроти 86,6% од европските, што укажува на значително заостанување под европскиот просек.

„Фактот дека над 90% од граѓаните се онлајн, а речиси сите користат интернет секојдневно, покажува дека дигиталната основа за е-трговија во Македонија постои. Следниот чекор е таа масовна употреба да се претвори во економска вредност во главно преку градење доверба, зајакнување на дигиталните вештини и поддршка за онлајн бизнисите.“ изјави Нина Ангеловска Станков, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија во Северна Македонија.
Инаку, Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година е изработен од Асоцијацијата за е-трговија и беше традиционално презентиран на 8-та регионална конференција за е-трговија. Како седмо издание од серијата, оваа публикација по втор пат е објавена на англиски јазик и со проширен фокус кој го опфаќа целиот регион на Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

Повеќе информации за „Прегледот на е-трговијата во Западен Балкан 2025“, како и можност за преземање и читање на извештајот, се достапни на следниот линк: https://ecommerce.mk/analizi-i-izveshtai/
Аналитика








