Пред повеќе од 30 години, швајцарско-aмериканскиот молекуларен биолог Мајкл Хол, на Универзитетот во Базел направил револуционерно откритие на т.н. ген TOР, кој се покажа како клучен за развојот на многу лекови против ракот и главен фактор кој влијае врз стареењето. Сепак, клиничките испитувања на лековите за стареење се тешки за спроведување, бидејќи стареењето сѐ уште не е признаено како болест од страна на медицината
Научникот Мајкл Хол е речиси непознат на ботоксираната современа сцена, чиј идеал е лажната вечна младост. Тој нема објавено книги за тоа зошто старееме, ниту, пак, има бизнис со суплементи, не проповеда за придобивките од хипербарична кислородна терапија, ниту за терапија со црвена светлина – третмани што се многу популарни во многу од клиниките за долговечност.
Овој тивок 71-годишник, кој неверојатно наликува на американскиот актер Роберт Де Ниро, своето здравје и виталност ги припишува на многу едноставни нешта: „вежбање, добра исхрана, социјализација и добри гени“.
Отсуството на името на овој научник во популарните научни трудови за продолжување на животниот век е уште поневеројатно, ако се земе предвид дека неговите истражувања се сметаат за пресвртни во научното толкување на стареењето – и како потенцијално да се забави овој процес.
БИОЛОШКИТЕ МЕХАНИЗМИ НА СТАРЕЕЊЕ
Во раните 90-ти, Мајкл Хол кај квасецот открил еден ген кој функционира како прекинувач во клетката, регулирајќи го нејзиниот раст и метаболизам во зависност од достапните хранливи материи. Го нарекол „Target of Rapamycin“ (TOР), според соединението рапамицин, кое подоцна станува имуносупресивен лек за трансплантација на органи.
Генот TOР, исто така, влијае врз деградирачките клеточни процеси кои се засилуваат со стареењето. Земањето лек како рапамицин го инхибира овој ген, активирајќи автофагија – процес при кој клетките се „чистат“ од оштетени ткива и протеини што се таложат со стареењето.
Бројни студии покажаа дека рапамицинот го продолжува животниот век кај повеќе видови животни. Денес постои цела група ентузијасти кои се бават со долговечноста како феномен – како познатиот американски лекар Питер Атија – кој експериментира со рапамицин како лек против стареење, потпирајќи се на првичните откритија на Хол кој, пак, своите истражувања во меѓувреме ги насочи кон борбата против ракот.
Иако има добиено бројни награди за својата работа, Хол дури во 2024 година беше одликуван за својот придонес во областа на стареењето. Во ноември минатата година ја доби наградата „Балзан“ – што се доделува на четири лица годишно за достигнувања во уметноста, хуманистичките и природните науки – за неговиот „револуционерен придонес“ во откривањето на биолошките механизми на стареење.

ГОЛЕМОТО ОТКРИТИЕ
Во 80-те и 90-те години, како што тврди Хол, имало „многу глупости“ на темата како да се спречи стареењето. „Беше како циркус со три арени, со куп чудаци наоколу. Секој што сакаше да направи некоја пара беше самопрогласен експерт за долговечност“, вели Хол.
Тој на крајот решава дека оваа мошне вносна и злоупотребена тема не е за него и продолжува да се занимава со молекуларната биологија.
„Сакав да го разберам механизмот како протеинот се транспортира до јадрото на клетката, што е клучно за разбирање на функциите на клетките“. Потешкотиите во тој процес се поврзани со болести како ракот, вирусните инфекции и невродегенеративните нарушувања.
Подоцнежните истражувања покажаа дека TOР е централниот контролор на клеточниот раст.
„Неверојатно е што оваа фундаментална функција не беше позната порано. Толку многу болести, како ракот, произлегуваат од неконтролиран клеточен раст“, вели Хол.
Ова откритие, пак, доведува до развој на нова класа лекови за рак – „мTOР инхибитори“ – како што е еверолимус (Afinitor) од швајцарскиот Novartis.
ОД КАНЦЕР ДО ДОЛГОВЕЧНОСТ
Откритието на Хол за генот TOР како клучен регулатор на растот и метаболизмот на клетките, нуди цврст научен увид во тоа зошто старееме. Кога активноста на овој ген се намалува, било со земање лек како рапамицин или со постење, се засилува процесот на чистење во клетката наречен автофагија. Без автофагија се натрупуваат оштетени клетки, што може да доведе до состојби како што се остеоартритис и невродегенеративни болести.
Голем пробив во оваа област се случи во 2003 година, кога научник од Универзитетот во Фрибур, Швајцарија, откри дека блокирањето на генот TOР кај црвите го зголемува нивниот животен век за 20–30 проценти.
Истражувачите почнаа да го тестираат лекот „Рапамицин“ на цицачи кои имаат поголема генетска сличност со луѓето. Во 2009 година, истражувачи во САД открија дека тој го продолжува животниот век на глувците за 14 проценти кај женките и за девет проценти кај мажјаците.
Денес Хол често е покануван на конференции за процесот на стареење како гостин говорник и конечно го доби заслуженото признание за своите откритија во научните кругови. Во својата книга „Why We Die“, индиско-американскиот биолог Венки Рамакришнан, добитник на Нобеловата награда за хемија во 2009 година, го опишува Хол како „еден од најугледните живи научници во светот“.
СТАРЕЕЊЕТО НЕ Е БОЛЕСТ
Научниците сè уште имаат многу да истражуваат и да научат за тоа како TOР може да влијае на животниот век кај луѓето. Клиничките испитувања на лекови за стареење се тешки за спроведување, бидејќи стареењето не е признаено како болест од страна на медицината. Ова значи дека нема формален пат за одобрување на ваков лек, ниту, пак, доволно мотив за фармацевтските компании да инвестираат во испитувања. Но, истражувањата врз животни активно продолжуваат, вклучувајќи и проект за проучување на ефектите против стареење на рапамицин кај кучињата.
И покрај недостатокот на цврсти докази кај луѓето, сè поголема заедница на ентузијасти за долговечноста е подготвена да ризикува со рапамицин.
До септември 2024 година, најмалку 20.000 луѓе во САД го земале лекот во форма на апчиња, а бројот расте за околу 300 проценти годишно, според една онлајн платформа на „рана група на корисници“ на рапамицин. Некои тврдат дека почувствувале благи придобивки како губење на тежина и намалување на болка, според напис објавен во „New York Times“ во септември минатата година.
Мимоза Петревска Георгиева
(Дописник на Пари од Швајцарија)