Промени во највисокото раководно тело на Стопанска Банка Битола. Даниела Ѓоршевска се повлекува од позицијата член на Управниот одбор. Изборот на Надзорниот одбор е Маја Војновска Кадиевиќ, која ќе стапи на функцијата откако ќе добие согласност од Народната банка.
„Стопанска банка а.д. Битола известува дека на ден 5.11.2025 година членот на Управниот одбор, г-ѓа м-р Даниела Ѓоршевска поднесе писмена оставка од функцијата член на Управниот одбор на Банката.
Воедно, Стопанска банка а.д. Битола известува дека Надзорниот одбор на банката со одлука донесена на 25. седница, одржана на 10.11.2025 година, ја именуваше г-ѓа м-р Маја Кадиевска Војновиќ за нов член на Управниот одбор на банката, која одлука ќе влезе во сила по добивање согласност од страна на Извршниот одбор на Народната банка на Република Северна Македонија за предложеното лице за член на Управен одбор на Банката“, се вели во информацијата што Банката ја проследи преку Македонска берза .
Исто така, од СТББТ наведуваат дека додека не се официјализираат промените, Ѓоршевска ќе биде активна во Управниот одбор:
„До добивањето на согласност од страна на Извршниот одбор на Народната банка на Република Северна Македонија за предложеното лице за член на Управен одбор на Банката, г-ѓа м-р Даниела Ѓоршевска ќе продолжи да ја извршува својата функција како член на Управниот одбор на Банката“.
Аналитика








