Одиме на кино? Нема потреба. Новите технологии, интернетот, стриминг-платформите овозможија филмовите да се гледаат во домашен амбиент. Се сменија навиките на луѓето, а на многумина оваа варијанта им е и финансиски поисплатлива.
Скопје, некогаш нарекувано кинометропола, денес културата на одење на кино ја негува во неколку сали. Се чини дека тоа е доволно, затоа што веќе ја нема еуфоријата што ја предизвикуваше големото платно, толку многу присутна во децениите од минатиот век, сѐ до 90-тите години. Со политичките промени, со транзицијата од едно во друго државно уредување, не само што замреа, туку и сосем исчезнаа култните скопски кина. А, потоа, по периодот на речиси целосна киноапстиненција, во 2012 година се појави Синеплекс – со проекциите на „Скајфол“ и „Животот на Пи“.
Дали и колку австриската киногрупација успеа да ги врати скопјани во киносалите и како работи Синеплекс – одговорите, ако не целосни, барем делумни, треба да ги даде оваа анализа на Пари, изработена врз основа на факти, а во соработка со Бизнис Мрежа.
2023 ГОДИНА ЌЕ СЕ ПАМЕТИ ПО ПРОФИТ
И покрај најсовремената дигитална опрема и 3D-технологија, сепак изгледа дека скопјани не ги користат максимално можностите за уживање во кинопроекциите. На таа помисла упатуваат бројките – минатата година Синеплекс се соочил со пад и на приходите и на добивката. Гледано, пак, во рамката на изминатиот петгодишен период, прометот осцилира, а профит е остварен само во 2023 година.
Анализата на приходната страна покажува дека најлоша била 2020 година, што е и разбирливо бидејќи тогаш, поради пандемијата, сите места за помасовно собирање беа затворени. Тогаш приходот изнесувал над половина милион евра. Потоа следува раст што се протега во наредните три години, сѐ до лани, кога е забележано намалување за 5,39 насто. Или, во 2024 година Синеплекс имал промет од нецели два милиони евра, додека преклани износот бил 2,1 милион евра, што е и најдобриот резултат во петте изминати години.
Трошоците на Синеплекс се во постојан раст. Само лани е регистрирано минимално намалување – за 0,03 насто и сумата од 2,076 милиони евра е речиси идентична со таа од 2023 година (2,077 милиони евра).
Оттаму, и покрај стабилноста на расходите, тие се значително повисоки од приходите. Таквиот сооднос, пак, не само што го турка, туку и го одржува работењето на Синеплекс во зоната на загубата.
Од 2020 година наваму, првата и единствена позитивна година е 2023, со добивка од 31.500 евра. По тој краток излет, Синеплекс лани повторно бележи загуба, а годишната негативна промена е означена со 358,48 насто. Сепак, минусот од над 81 илјада евра е најмал во споредба со претходните лоши финансиски резултати, меѓу кои се издвојува загубата на повеќе од 700 илјади евра во кризната 2020 година.
Извор: Бизнис Мрежа
ПОВЕЌЕ ВРАБОТЕНИ, ПОМАЛА ЕФИКАСНОСТ
Во текот на петте години, Синеплекс функционира со 19 до 25 вработени. Најмногу лица биле ангажирани токму во 2020 година. Редовните активности лани ги реализирале 23 лица. Споредено со 2023 година и тогашните 21 вработен, во овој сегмент има раст од 9,52 насто.
Меѓутоа, приходот по вработен опаднал за 13,62 насто, од 100.418 евра во 2023 година на 86.744 евра во 2024 година. Ова може да се смета како директна последица на падот на приходите во комбинација со зголемениот број на вработени.
Извор: Бизнис Мрежа
Истовремено, месечните примања растат. Минатогодишната просечна плата изнесувала 51.747 денари. Тоа претставува зголемување од 8,15 насто во однос на 2023 година, кога просекот бил понизок за безмалку четири илјади денари. Во услови на работа што продуцира загуба, зголемувањето на платите можеби е обид за задржување или мотивирање на тимот.
Извор: Бизнис Мрежа
Всушност, анализираните податоци даваат слика во која приходите што се намалуваат по периодот од тригодишен раст, најверојатно претставуваат сигнал дека бројот на гледачите во киносалите опаѓа, или не е доволен за справување со високите трошоци. Во тие услови се зголемува бројот на вработените, а растат и примањата. За ефикасноста, пак, показател е приходот по вработен, кој исто така оди надолу.
Што се однесува до цените, во Синеплекс постојат неколку категории. Во текот на работните денови регуларните билети се 350 денари. Исклучок е вторник, означен како „Мој Cineplexx“, кога влезницата е 230 денари. Викенд-цената, која ги опфаќа и петок и празничните денови, е 380 денари. Детскиот билет наменет за сите до 14-годишна возраст е 250 денари, а толку им се наплаќа и на средношколците и студентите ако дојдат во група од минимум 20 лица. За лицата со посебни потреби е предвидена цена од 150 денари. Најскапа е влезницата за премиерите – 390 денари. Има и други можности и погодности, но и доплата за одредени услуги.
Дали цените се пристапни, зависи од џебот.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Еротиката дошла со Брижит Бардо, а скопските кина ги однесе виорот