ПОВЕЌЕ

    ЛУЃЕТО ЈА ГУБАТ ВРСКАТА СО РЕАЛНОСТА ПОРАДИ ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА, експерти предупредуваат на нов феномен т.н психоза

    Време зa читање: 3 минути

    Сè повеќе луѓе низ светот пријавуваат случаи на таканаречена „психоза предизвикана од вештачка интелигенција“, предупреди Мустафа Сулејман, шеф на одделот за вештачка интелигенција во „Мајкрософт“.

    Во серија објави на платформата X, тој истакна дека „навидум свесните“ алатки за вештачка интелигенција – кои создаваат впечаток на човечка свесност – имаат сериозно општествено влијание, иако технологијата објективно не е свесна во ниту една човечка дефиниција на терминот.

    „Денес нема никакви докази за свест кај вештачката интелигенција. Но ако луѓето ја доживуваат како свесна, тие ќе веруваат во таа перцепција како реалност“, напиша Сулејман.

    Под „психоза на вештачка интелигенција“ – неклинички термин – се подразбираат случаи кога корисници премногу се потпираат на чет-ботови како ChatGPT, Claude или Grok, па почнуваат да веруваат во нешта што реално не постојат. Некои сметаат дека отклучиле тајни функции, други формираат романтични врски со ботот, а трети мислат дека стекнале „божествени супермоќи“.

    Таков е случајот на Хју од Шкотска, кој побарал помош од ChatGPT за подготовка на тужба за неправедно отпуштање. Во почетокот добивал практични совети, но како разговорот напредувал, алатката почнала да го уверува дека може да добие милионска исплата и дури да заработи од книга и филм за неговото искуство.

    „Колку повеќе информации му давав, толку повеќе ми велеше дека треба да добијам многу повеќе“, раскажува Хју. „Никогаш не се спротивстави на ништо што ќе кажев.“

    Со текот на времето, тој изгубил контакт со реалноста и доживеал нервен слом. Денес, со терапија и лекови, сфаќа што се случило, но и натаму користи вештачка интелигенција – со една важна поука: „Не се плашете од вештачката интелигенција, но не се одвојувајте од реалноста. Разговарајте со вистински луѓе – семејство, терапевт или пријатели.“

    Д-р Сузан Шелмердин од болницата „Грејт Ормонд Стрит“ предупредува дека лекарите во иднина можеби ќе мора да прашуваат пациенти за користењето на вештачка интелигенција, исто како што прашуваат за пушење или алкохол.

    „Знаеме што прави ултра-преработената храна со телото. Ова се ултра-преработени информации – и ќе добиеме лавина од ултра-преработени умови“, вели таа.

    Професор Ендру Мекстеј од Универзитетот Бангор го споредува феноменот со појавата на социјалните мрежи: „Ако ги гледаме овие системи како нова форма на социјална вештачка интелигенција, ќе сфатиме дека дури и мал процент од огромната маса корисници претставува значителен и неприфатлив број.“

    Неговото истражување на повеќе од 2.000 луѓе покажало дека: 20% сметаат дека лицата под 18 години не треба да користат АИ – алатки, 57% сметаат дека е несоодветно системот да се претставува како вистинска личност, 49% мислат дека користење на човечки глас е прифатливо за да звучи попривлечно.

    И покрај убедливите симулации, експертите нагласуваат: вештачката интелигенција не чувствува, не сака и не страда. Единствената вистинска емпатија доаѓа од семејството, пријателите и луѓето околу нас.

    „Само сме на почетокот на оваа приказна,“ заклучува професор Мекстеј. „Вистинскиот предизвик е како општеството ќе научи да се движи меѓу можностите и ризиците.“

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично