ПОВЕЌЕ

    Линеарното зголемување може да прејде во линеарно намалување – Како до повисоки пензии?

    Време зa читање: 9 минути

    Линеарнто зголемување на пензиите да остане како трајно решение. Ова барање не само што сѐ почесто се споменува, туку се поставува и како услов за гласање на претстојните есенски локални избори. Ветените и остварени на две рати, пет илјади денари, можеби моментално имале делотворно дејство, но дополнително отвораат нови прашања. И проблеми кои ја засегаат државната каса.

    Според одредени, но официјално непотврдени пресметки – тоа ветување на сега владејачката партија ѝ обезбедило 250 илјади пензионерски гласови. Ќе ги изгуби ли доколку во септември се врати старата методологија за усогласување на пензионерските примања со растот на трошоците на животот и на просечната плата?

    Неодамна пензионерите од неколку градови, меѓу кои од Свети Николе, Штип и Куманово гласно кажаа дека во октомври нема да излезат на гласање доколку еден месец претходно не добијат линеарно зголемување на пензиите. Исто така, нагласуваат, не отстапуваат ниту од барањето за утврдување загарантиран минимален износ на пензијата, доволен за задоволување на најосновните месечни потреби и трошоци. Сметаат дека процентуалното зголемување оди во прилог исклучиво на високите пензии, а има и предлози да се примени комбиниран пристап. Или зголемувањето, кои се врши двапати во годината, еднаш да е линеарно, еднаш процентуално. А, се споменува и варијантата – да се зголемуваат само пензиите со износи пониски од 30 илјади денари.

    „ЗА“ ЛИНЕАРКА 73,5 ОТСТО ОД ПЕНЗИОНЕРИТЕ? 

    „Според пресметки што ги прават поединци, бидејќи официјална анкета не сум сретнал, 73,5 отсто од пензионерите во Македонија се за линеарното зголемување на пензиите. Многу интересен податок, посебно за политичките партии“, вели Славко Лазовски, пензионерски активист и поранешен даночник.

    Воедно, нагласува дека голем дел од пензионерите се против таканаречената швајцарска формула, иако во светот, барем досега, нема подобар инструмент за усогласување на пензиите. За целиот свет тоа е најдоброто, а кај нас нашето е „најдобро“.

    Во тој контекст посочува дека добрите страни на двете опции се добро познати, па затоа ги образложува лошите страни:

    Линеарното зголемување на пензиите може многу лесно да се претвори во линеарно намалување. Го видовме тоа во Србија, Грција, Португалија, а сигурно го имало и во многу други земји. И ќе го има. Политичарите веднаш ветуваат дека тоа ќе го надоместат по некоја година. По правило, тоа никогаш не се случува. Едните повеќе не се на власт, другите не се меѓу живите“.

    Исто така, за линеарниот модел смета дека премногу личи и е „несистемско решение во систем“. „Решението, како да е типично за времето пред Бизмарк да го ‘измислил’ пензискиот систем. Суверенот ќе брцне во торбата (буџетот) и еве го решението. А што ако не брцне, ако раката е мала или куса, или, пак, торбата е празна?“, прашува Лазовски. Притоа, нагласува дека секое линерано зголемување бара нова интервенција во законските решенија и секогаш продолжува со некое решение од арсеналот на швајцарската формула. „Колку да мислиме дека е ‘лоша’, повторно и повторно ѝ се враќаме“.

    ПРАВО НА НАЈНИЗОК ИЗНОС НА ПЕНЗИЈА

    За да се намали притисокот за линеарното зголемување на пензиите, според Лазовски, треба да се применат инструменти кои се поприфатливи и се однесуваат исклучиво за корисниците на ниските пензии.

    „Еве дел од нив. Прво, зошто не се засилува институтот ‘право на најнизок износ на пензија’, кој веќе го имаме во пензискиот систем? Мора да се поработи многу повеќе на ова, ако навистина се сака да се излезе од воспоставениот логор на пензионерска сиромаштија.

    Второ, да се намалат казнените поени за годините стаж на осигурување кои фалат или барем да се  ограничи нивната примена до пет години по пензионирањето. Државата да ја подели  одговорноста за неплатениот придонес за пензиското и инвалидското осигурување со корисникот  на пензија. Државата не била доволно проактивна, а пензионерот е казнет.

    Трето, перманентно подобрување и уточнување на матичната евиденција. Дополнителната грижа за средување на матичната евиденција можеби ќе покаже дека за корисникот на пензија е ‘пронајден’ податок кој оди во негов прилог“, образложува пензионерскиот активист, кој целосно е посветен на оваа проблематика.

    МОЖЕ 75% ОД ТРОШОЦИТЕ НА ЖИВОТ + 25% ОД ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА

    Иако предност ѝ дава на швајцарската формула, сепак ги согледува и говори за недостатоците, пред сѐ во нејзиното практикување на македонскиот пензиски терен. За тоа на кој начинот е применета кај нас оваа формула, го цитира членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување:

    „(1) Усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50%.

    (2) Пензијата од став (1) на овој член се усогласува од 1 јануари и од 1 јули секоја година според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи.

    (3) Заради примена на став (1) од овој член пензијата остварена во тековната година претходно се сведува во месечен износ според порастот на платите од декември претходната година во однос на просечната плата истата година“.

    Ако е ова недоволно, зошто се земаат 50 проценти од индикаторите: од индексот на трошоците на живот и од растот на просечно исплатената плата на сите вработени? – прашува Лазовски и продолжува:

    Зошто не е 100 проценти од двата индикатори или поголемиот во процент од 51 до 100, а помалиот индикатор она што отанува до 100 проценти? На пример, 75 проценти од индексот на трошоците на животот плус 25 проценти од порастот на просечно исплатената плата на сите вработени.

    Во светот се применуваат најразлични комбинации. Оваа нашава швајцарска формула не е многу дарежлива кон пензионерите, па затоа е голем притисокот за воведување на линеарното зголемување“.

    НАЈНИСКИТЕ ПЕНЗИИ ЗА 90.834 КОРИСНИЦИ 

    Статистикта, пак, на Фондот на ПИОМ покажува дека во април имало 344.246 корисници пензија. За тој месец просечно исплатената пензија изнесувала 425 евра. И, е за 39 евра (2.398 денари) повисока во споредба со, на пример, јануарската (втората рата со плус 2.500 денари се пресметува од март). Вообичаено, најнизок е просекот на земјоделските месечни примања – 258 евра, а највисок на воените пензии – 564 евра.

    Најголемиот дел од корисниците на пензија, 122.857 или 35,69 отсто живеат со пензии кои се движат од 18.193 до 21.909 денари. Во евра, од нецели 296 до 356. Најмала е групата која ги опфаќа солидните пензии од над 62.482 денари, односно повеќе од илјада евра. Се работи за 3.179 лица, што претставува 0,92 отсто од вкупниот број приматели на пензија.

    Меѓу нив се и пензионерите, само 17, кои благодарение на високите плати и придонеси, сега месечно добиваат по 88 илјади денари. Тоа е износ еднаков на 1.430 евра, кој за македонски услови обезбедува и спокојни, но и разновидни и исполнети пензионерски денови.

    Со најниските законски пензии месеците ги врзуваат 90.834 лица. Овој број е од април. Во споредба со јануари, состојбата е променета со дополнителни 1.159 пензионери. Поточно, статистиката на ПИОМ во првиот месец од годинава забележала 89.675 корисници, во февруари веќе станале 90.126, а во март биле 90.488 лица опфатени во сите групи. Нивните месечни примања се движат од 18.192 до 21.909 денари.

    ПЕНЗИСКИОТ СИСТЕМ НЕМА СЕГАШНОСТ, САМО МИНАТО И ИДНИНА

    За пензискиот систем Лазовски вели дека стои во место и укажува дека повеќе од потребно е постојано подобрување на решенијата.

    „Пензискиот систем мораме да го подобруваме и поради две крупни прашања и доколку доцниме во реформирањето на системот се доведуваме во сѐ потешка положба. Прво, допрва пензискиот систем поради забрзаното стареење на населението ќе се соочува со сѐ поголеми предизвици. Тешко функционираме во системот со 15 проценти старо население, а што ќе правиме кога ќе се доближи до 20 или, пак, до 25 процент? И второ, не смее во фокусот на интересирањето да биде само првиот столб и државниот фонд. Нашите пензии ги обезбедуваат нашите деца и настапуваме претерано себично, можеби сѐ до оној момент кога тие ќе го кренат гласот за своите права во пензинскиот систем. Како да претеруваме малку повеќе. Едно време, со децении постојано велевме – дефицит, дефицит, за сега да го замениме со – линеарно, линеарно. Пензискиот систем е многу сложен систем. Тој е минато и иднина. Тој нема сегашност, а ние постојано се фокусираме само на сегашноста“, вели Лазовски.

    Притоа, го загатнува и проблемот за старите лица кои се надвор од пензискиот систем.

    „Пописот на населението во 2021 година го покажа најгрдото лице на пензискиот систем. Пописот покажа дека стари лица над 65 години има многу повеќе од пензионери. Во селата живеат околу 54.000 лица со над 65 години, а во градовите уште 8.000 лица, или вкупно 62.000 лица се надвор од пензискиот систем.

    Како ли живеат тие луѓе? Тие не смеаат да останат надвор од нашиот фокус за пензискиот систем“, прашува и препорачува поранешниот даночен експерт, а сегашен пензионерски активист.

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично