ПОВЕЌЕ

    Лимитирани цените на 11 видови овошје и зеленчук, инспекторите на терен

    Време зa читање: 2 минути

    Во трговијата и на зелените пазари од денес важат лимитираните цени за единаесет видови овошје и зеленчук.

    Доматите може да се продаваат по највисока цена од 70 денари за килограм, краставиците до 75, кромидот до 60, карфиолот до 70, зелените пиперки до 90 денари. За килограм грав предвидени се најмногу 75 денари, а за леќа – 110 денари. Цената за килограм банани е со ограничување до 70 денари, за портокалите и лимоните до 55, а за мандарините до 60 денари.

    Всушност, од денес се применува владината одлука за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, која е со важност од 25 дена, конкретно до 30 април. На овој начин се прави напор да се премости периодот во кој државата е целосно зависна од увоз на овие производи, најмногу од Грција и од Албанија, а за кои е утврдено дека во трговијата се применуваат маржи и до 250 проценти. Според анализите направени во Министерството за економија, никој нема да биде оштетен, односно трговците повторно ќе имаат заработка, само нешто пониска, а на граѓаните мерката ќе им биде од помош до мај, кога ќе почне пласманот на домашното производство.

    Државниот пазарен инспекторат како и досега ќе ја контролира ситуацијата со замрзнатите цени, овој пат и на зелените пазари, а во координација со УЈП и со МВР. Оттаму неодамна соопштија дека во направените повеќе од 1.800 инспекциски проверки констатирани се прекршувања на владините одлуки, при што се изречени казни од над 2,5 милиони денари, односно 40,5 илјади евра. Висината на казните, зависно од големината на субјектот, се движи од 800 до десет илјади евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично