Објектот на некогашниот „Бриколаж“ во скопска Гази Баба и официјално е во сопственост на „Лидл Северна Македонија“. „Скопски пазар“ го продаде за 9,5 милиони евра, а за големата зделка информираше преку Македонска берза.
Одлуката за продажба на овој објект Надзорниот одбор на компанијата ја донел на 18 април. Во објавата е наведено дека во апсолутен износ зделката е во вредност од 9.564.485 евра без вклучен ДДВ (или 588.911.166 денари без вклучен ДДВ) и „релативен износ 19,30% во однос на вредноста на имотот на друштвото, односно 25,04% од вредноста на капиталот и резервите на друштвото определени врз основа на последните финансиски извештаи на друштвото“.
Цената соодветствува со пазарната вредност на таков тип на зделки, пишува во информацијата од „Скопски пазар“.
„Лидл“ на големо се подготвува за проширување на својата мрежа и на македонскиот пазар. Во кумановската индустриска зона Речица гради дистрибутивен логистички центар од 63 илјади квадрати, каде што ќе се вработат повеќе од 150 лица, а дополнително ќе бидат ангажирани логистички и шпедитерски компании од градот и од регионот. Инвестицијата е 80 милиони евра.
Активности има и во Битола, огласите за вработување ги има речиси секојдневно, а неодамна пред повеќе од 130 македонски компании беа презентирани можностите за соработка со „Лидл“. Како што беше тогаш посочено, воспоставувањето деловни релации со локални фирми е еден од основните постулати на познатиот германски синџир, кој се применува во секоја земја каде што работи.
„Лидл“ е дел од групацијата „Шварц“. Низ светот е распространет со мрежа од 12.200 маркети во кои се ангажирани повеќе од 380 илјади вработени. Прави промет од 114 милијарди евра.
Покрај разновидниот асортиман, „Лидл“ е атрактивен и по цените на производите. Податоците велат дека првиот дисконт бил отворен во 1973 година, а сопственикот Дитер Шварц ја „скенирал“ побарувачката и ги отстранувал продуктите за кои купувачите немале интерес. До 1977 година веќе биле отворени 33 вакви продавници.
„Лидл“ го има насекаде низ Европа. Најголемата мрежа ја има во матичната земја, сочинета од 3.250 продажни места, па следи Франција со 1.600. Од 2017 се присутни и на пазарот во САД, кад што има 174 маркети.