ПОВЕЌЕ

    „Лидл“ го подготвува теренот за соработка со македонските компании

    Време зa читање: 3 минути

    „Лидл“ на големо се подготвува за настап на македонскиот пазар. Ја оствари првата средба со повеќе од 130 домашни компании, пред кои се претставени можностите за соработка со овој познат германски синџир. Воспоставувањето деловни релации со локални фирми е еден од основните постулати на „Лидл“. И се применува во секоја земја каде што работи.

    „Основната идеја на Лидл во сите земји во кои е присутен, претставува развој на локалните производствени капацитети и заеднички раст и развој со нашите локални партнери, и иако Лидл Северна Македонија сѐ уште не е целосно оперативен, овој процес веќе активно функционира“, вели Стефан Георгиев, директор на секторот за набавка во Лидл Северна Македонија.

    Македонските производи ги има во продажната мрежа на „Лидл“ во неколку земји, а вредноста на извозот е со тенденција на раст.

    „Во октомври минатата година започнавме со проект за промоција на македонски традиционални производи во Лидл Србија и Лидл Бугарија, каде ги претставивме македонскиот ајвар, пастрмајлијата, кочанскиот ориз, тиквешкото вино, македонското јагне и многу други производи. Извозот кој ќе го реализираме преку Лидл Северна Македонија до крајот на 2024 година само во овие две земји е во вредност повеќе од 2.000.000 евра или раст од четири пати во однос на минатата година. Вкусот на македонското овошје и зеленчук го направивме достапен до потрошувачите на Лидл во Србија, Бугарија, Романија, Полска, Чешка, Словачка и Германија. Од април 2023 до март 2024 година беа извезени преку 3.600 палети овошје и зеленчук. Во рамките на календарската 2024 година со нашите локални добавувачи планираме извозот на овошје и зеленчук да достигне 4.500 палети. Наведените примери и резултати се мотивација за нас и движечка сила за понатамошен успех”, истакнува Георгиев.

    Брендот на „Лидл“ е присутен во 31 земја, во кои, како што вели генералниот директор на Лидл Северна Македонија, Рубријан Хаџиев, ги задоволуваме потребите на голем број домаќинства. „Како лидери во сегментот на секојдневно пазарување поставуваме стандарди кои ќе го зголемат квалитетот на понудата, а во исто време ќе бидеме ценовно конкурентни на пазарот. Но, основно за нас е да се соработува со локалните компании”.

    „Лидл“ е дел од групацијата „Шварц“. Низ светот е распространет со мрежа од 12.200 маркети во кои се ангажирани повеќе од 380 илјади вработени. Прави промет од 114 милијарди евра.

    Кај нас, пак, инвестира во изградба на логистички центар лоциран во Куманово.

    Покрај разновидниот асортиман, „Лидл“ е атрактивен и по цените на производите. Податоците велат дека првиот дисконт бил отворен во 1973 година, а сопственикот Дитер Шварц ја „скенирал“ побарувачката и ги отстранувал продуктите за кои купувачите немале интерес. До 1977 година веќе биде птворени 33 вакви продавници.

    „Лидл“ го има насекаде низ Европа. Најголемата мрежа ја има во матичната земја, сочинета од 3.250 продажни места, па следи Франција со 1.600. Од 2017 се присутни и на пазарот во САД, кад што има 174 маркети.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично