Лидерите на најголемите економски сили во светот пристигнаа во канадските Карпести Планини во неделата на самитот на Групата седум – Г7, во сенка на ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран и нерешената трговска војна на американскиот претседател Доналд Трамп.
Нападите на Израел врз Иран и одмаздата на Техеран, кои се чини дека ги затекнаа многу светски лидери неподготвени, се најновиот знак за понестабилен свет.
Трамп во последните денови стави вето на израелскиот план за убиство на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, изјави американски функционер за Асошиејтед Прес, што е показател за тоа колку далеку е подготвен Израел да оди во овој конфликт.
Британскиот премиер Кир Стармер рече дека разговарал за напорите за деескалација на кризата со Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, како и со други светски лидери и рече дека очекува „интензивните дискусии“ да продолжат на самитот.
ТРАМП И ЦАРИНИТЕ ВО ФОКУСОТ НА САМИТОТ
Како домаќин на самитот, канадскиот премиер Марк Карни одлучи да ја напушти годишната практика на издавање заедничка изјава или соопштение на крајот од состанокот.
Со оглед на тоа што другите лидери сакаат да разговараат со Трамп во обид да го убедат да не наметнува царини, самитот ризикува да биде серија билатерални разговори, а не демонстрација на единство.
На прашањето дали планира да објави какви било трговски договори на самитот на Г7, кога заминуваше од Белата куќа во неделата, Трамп рече: „Ги имаме нашите трговски договори. Сè што треба да направиме е да испратиме писмо: „Ова е она што ќе мора да го платите“. Но, мислам дека имаме многу малку нови трговски договори.“
Под знак прашање може да биде опстанокот на самиот Г7 во време кога администрацијата на Трамп испрати мешани сигнали за тоа дали претседателот ќе присуствува на ноемврискиот самит на Г20 во Јужна Африка.
Белата куќа одлучно молчеше за своите цели за Г7, која започна како состанок на министрите за финансии во 1973 година за решавање на нафтената криза и постепено се разви во годишен самит чија цел е да ги поттикне личните односи меѓу светските лидери и да се справи со глобалните проблеми.
Германската, британската, јапонската и италијанската влада сигнализираа верување дека пријателскиот однос со Трамп оваа година може да ја намали веројатноста за поголеми несогласувања.
„Па, имам добар однос со претседателот Трамп, а тоа е важно“, изјави британскиот премиер Кир Стармер во саботата додека леташе за Канада.
Немањето план за заедничка изјава оваа година од Г7, е знак дека администрацијата на Трамп не гледа потреба да изгради заеднички консензус со другите демократии ако таквата изјава ја смета за спротивна на нејзините цели за нови тарифи, поголемо производство на фосилни горива и Европа што е помалку зависна од американската војска.
„Администрацијата на Трамп речиси сигурно верува дека без договор е подобро од лош договор“, рече Кејтлин Велш, директорка во тинк-тенкот Центар за стратешки и меѓународни студии, која беше дел од тимот на Трамп за Г7 во првиот мандат на Трамп.
Авионот на Трамп слета во Алберта доцна во неделата. Тој ќе има билатерална средба со Карни во понеделник наутро пред почетокот на програмата на самитот.
Трамп пристигна на меѓународниот самит носејќи шапка со натпис „Направете ја Америка повторно голема“. Над состанокот се надвиснуваат неговите провокативни закани да ја направи Канада 51-ва држава и да го преземе Гренланд.
МАКРОН МУ УПАТИ НА ТРАМП ПОРАКА ОД ГРЕНЛАНД
Францускиот претседател Емануел Макрон го посети Гренланд во неделата за многу симболична посета на пат кон Канада. Макрон предупреди дека Гренланд „не треба да се продава“ ниту „да се завзема“.
„Сите во Франција, Европската Унија мислат дека Гренланд не треба да се продава, не треба да се зема“, рече тој за време на прес-конференција, додека му аплаудира локалната толпа. „Ситуацијата на Гренланд е јасен повик за будење за сите Европејци. Дозволете ми директно да ви кажам дека не сте сами“, додаде Макрон.
Меѓу лидерите кои не се дел од Г7, но се поканети на самитот од Карни, се шефовите на државите на Индија, Украина, Бразил, Јужна Африка, Јужна Кореја, Австралија, Мексико и ОАЕ. Избегнувањето на царините ќе продолжи да биде на прво место.
На прашањето дали планира да објави какви било трговски договори на Г7, кога ја напушти Белата куќа во недела, Трамп рече: „Ги имаме нашите трговски договори. Сè што треба да направиме е да испратиме писмо: „Ова е она што ќе мора да го платите“. Но, мислам дека ќе имаме неколку, малку нови трговски договори.“
Билатералните средби со американскиот претседател можат да бидат проблематични бидејќи Трамп ги искористи за да се обиде да ги заплаши лидерите на Украина и Јужна Африка.
Поранешниот канадски премиер Жан Кретиен изјави на панел оваа недела дека ако Трамп се однесува така, лидерите треба да го игнорираат и да останат смирени како што направи Карни на неговиот неодамнешен состанок во Овалната соба.
„Тој има тенденција да биде насилник“, рече Кретиен. „Ако Трамп одлучил да направи шоу за да биде во вестите, ќе направи нешто лудо. Нека го направи тоа и нека продолжи нормално да зборува.“
Минатиот месец Велика Британија и САД објавија дека склучиле трговски договор со кој ќе се намалат американските царини за британските автомобили, челик и алуминиум. Сепак, сè уште не стапил на сила, иако британските претставници велат дека не се загрижени дека администрацијата на Трамп може да го прекрши својот збор.
Обидите на Стармер да го привлече Трамп го ставија во незгодна позиција со Канада, поранешната колонија на Велика Британија, близок сојузник и членка на Комонвелтот. Стармер, исто така, привлече критики – особено од Канаѓаните – за тоа што не одговорил на наведената желба на Трамп да ја направи Канада 51-ва држава на САД.
На прашањето дали му рекол на Трамп да престане со заканите за 51-ва држава, Стармер за Асошиејтед Прес изјави: „Нема да навлегувам во прецизните разговори што ги водев, но дозволете ми да бидам апсолутно јасен: Канада е независна, суверена земја и многу ценет член на Комонвелтот.“
Администрацијата на Трамп инсистираше дека нејзините широки царини ќе доведат до трговски договори што ја исклучуваат Кина, иако не е јасно како антагонизирањето на трговските партнери би ги натерало да ја зајакнат својата зависност од САД. Карни, канадскиот лидер, отворено изјави дека неговата земја повеќе не може да гледа на САД како на вечен пријател.
Тоа би можело да го остави Трамп со незгодната задача да сака да ги задржи своите царини, а истовремено да се обидува да ги убеди другите земји дека е подобро да се на страната на САД отколку на Кина.
СРЕДБА ЗЕЛЕНСКИ – ТРАМП НА САМИТОТ ВО КАНАДА
Војната во Украина ќе биде на дневен ред. Претседателот Володимир Зеленски треба да присуствува на самитот и се очекува да се сретне со Трамп, средба што ќе се случи само неколку месеци по нивната непријатна средба во Овалната соба, која ги откри ризиците од средбата со американскиот претседател.
Стармер се сретна со Карни во Отава пред самитот на разговори фокусирани на безбедноста и трговијата, во првата посета на Канада од страна на британски премиер по осум години.
Германските претставници беа желни да се спротивстават на сугестијата дека самитот ќе биде настан „шест против еден“, истакнувајќи дека земјите од Г7 имаат многу разлики во акцентот меѓу себе за различни прашања.
„Единствениот проблем што не можете да го предвидите е што ќе направи претседателот на Соединетите Американски Држави во зависност од расположението, потребата да биде во вестите“, рече Кретиен.
(Фото: Associated Press)