На +30°C Италијанецот оди на море. На +40°C Египќанецот влегува во Нил. На +42°C Македонецот седи на бетон под лозница и коментира: „Ај, добро е. Ветерче има малку“.
Дневните температури уриваат рекорди, асфалтот испарува. Ни климата дома веќе не е доволна. Свежина во овие жешки денови може да се најде единствено – на вода. Многумина отпатуваа и веќе уживаат во убавините на блиските и подалечни мориња и езера. Во тек е масовната операција бегство од горештините на одредено време.
Што со тие, за кои се чини дека им нема спас од горештините? Кои чувствуваат како од долу бетонот дополнително ги крева целзиусите, додека во главата им врие од зраците пуштени на најјако. Освен клима, вентилатор и студен туш, и за нив има друго решение.
„Лето на вода“ е серијал на Пари што ќе ве води низ најдобрите базени и аква-забави во Македонија. Проверени, но и нови места за разладување. Локации што нудат водни лудории, задоволство, забава, релаксација…
Подгответе се за турата низ летните прибежишта во земјава. Мапата за разладување е подготвена. Следете нè во следните изданија и откријте каде се крие најдобрата свежина ова лето. Вашето бегство од горештините започнува тука!