ПОВЕЌЕ

    Ладење и греење со помош од државата: Кој сѐ може да аплицира?

    Време зa читање: 3 минути

    Граѓаните од ранливите групи до петти октомври можат да аплицираат за добивање субвенции за набавка на инвертери. Крајниот рок за пријавување за помош од илјада денари, наменета за плаќање на сметките за струја, е 30 август. Јавните огласи ги објави Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

    Според важечките критериуми, за инвертер клима-уред субвенција може да побараат домаќинствата, чиј вкупен нето месечен доход во 2024 година не ги надминал утврдените прагови:

    25.000 денари за едночлено домаќинство; 31.000 денари за домаќинство со два члена; 37.000 денари за домаќинство со три члена; 43.000 денари за домаќинство со четири и повеќе членови.

    Можат да аплицираат и домаќинствата кои живеат само од пензија. Притоа, треба да се води сметка, ланскиот вкупен нето месечен доход да не бил повисок од:

    15.700 денари за едночлено домаќинство; 19.800 денари за домаќинство со два члена; 23.700 денари за домаќинство со три и повеќе членови.

    Во конкуренцијата за субвенции нема да влезат домаќинствата кои веќе ја искористиле таа можност. Или, кои во изминатите пет години на овој начин добиле поддршка за набавка на клима уред или за печка на пелети. Исто така, и тие кои имаат приклучок на систем за централно греење.

    Сите што ќе го минат филтерот, до инвертер нема да дојдат со ваучери. Ресорното Министерство ќе распише тендер преку кој ќе ги набави клима-уредите, а потоа ќе бидат распределени на домаќинствата.

    За помош од илјада денари како финансиска поддршка за потрошената струја, можат да поднесат барање:

    домаќинствата со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост; со најтешка телесна попреченост; со потполно слепо лице; со потполно глуво лице.

    Пропозициите во двата огласи велат дека едно лице може да поднесе само едно барање за едно домаќинство.

    Како што е наведено, Министерството ќе врши мониторинг и контрола на спроведувањето на јавниот оглас и има право да го укине решението, доколку се утврдат неправилности или неусогласност со условите од Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година.

    Сите потребни информации за потребната документација и за пријавувањето, можат да се најдат на веб-страницата на Министерството за енергетика. Обрасците и изјавата се во делот јавни огласи.

    Инаку, за помошта во набавката на инвертери, премиерот Христијан Мицкоски посочи дека се издвоени околу 170 милиони денари (2,76 милиони евра).

    „Огласот е објавен, трае 60 дена, отприлика 170 милиони денари се обезбедени за оваа намена. Може сите оние кои ги исполнуваат условите да се пријават на овој оглас. Станува збор за клима уреди од класата А+ со инсталирана моќност од 3,5kW. Цениме дека на овој начин ќе придонесеме тие семејства да имаат подобар комфор во својот дом, како во лето, така и во зима. И да се обидеме да интервенираме во делот на заштита на животната средина и намалување на загадувањето, посебно во периодот кога ги затоплуваат своите домови“, рече Мицкоски.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично