Позитивни се финансиските резултати на „Макстил“ во периодот јануари – март годинава, што е одраз на постојаното прилагодување кон пазарните услови и на добрата организација. Особено во овој период кога се присутни неповолни влијанија врз челичната индустрија.
Во таква состојба, и покрај забележаните позитивни движења во работењето, компанијата остварила нето добивка од 956,7 илјади евра или 59 милиони денари, која е четирикратно пониска од реализираната лани во истиот период. Ова се должи на пониските продажни цени на готовиот производ, а згора на тоа, и трошоците за производство се релативно високи во однос на берзанските движења на енергенсите и металите, образложуваат од „Макстил“.
Производството, пак, е во пораст. Кај дебелите лимови зголемувањето е 1,2 насто споредено со ланскиот прв квартал, а планираното производство е натфрлено за 5,6 проценти. Раст од 9,3 насто има кај челичанските слабови, а во однос на проекциите се работи за повеќе од двојно зголемување. Реализацијата на топловаланите дебели лимови е поголема за 13,7 проценти.
Од сите работни активности остварени се приходи од 2,52 милијарди денари или 40,86 милиони евра. Во структурата носечки се приходите од продажба, со учество од 99,6 отсто. Во однос на споредбениот период приходите се пониски за 3,4 проценти.
Намалување од 4,2 отсто е регистрирано на страната од расходите. Во првите три месеци се во износ од 37,6 милиони евра (2,32 милијарди денари). Тука се доминантни трошоците за производство со удел од 76 проценти.
Од компанијата се оптимисти и за наредниот период очекуваат благ пораст на побарувачката на челик, забавување на инфлацијата, намалување на кредитниот притисок од страна на банките и опоравување на потрошувачката.