Ако продолжат поволните трендови кај инфлацијата и девизниот пазар можно е олабавување на монетарната политика до крајот на 2024 година
Намалување на каматите на кредитите, кои во изминатиов период се зголемија за 1.5 процентни поена, први може да го почувствуваат граѓаните и фирмите кои имаат земено пари од банките во евра или со валутна клаузула. Ова ќе зависи од тоа ако Европската централна банка порано почне со олабавувањето на монетарната политика. Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска – Бежоска во поткастот „Каде се парите?“ со Горан Теменугов на www.pari.com.mk вели дека за овие кредити е важно пред се движењето на Еуриборот кој директно зависи од тоа дали Европската централна банка (ЕЦБ) ја намалува основната камата или не. Според учесниците на финансиските пазари се очекува дека ЕЦБ ќе почне со намалување на основната камата во вториот квартал (април, мај, јуни) од 2024 година. Тие очекуваат дека намалувањето ќе биде за 25 базични поени, со што ќе отпочне трендот на олабавување на европската монетарната политика кој би продолжил и натаму во текот на годината. Инаку каматите за сите видови кредити, кај нас се зголемија помалку од зголемувањето во ЕУ.
„Да не заборавиме, за кредитирањето, за каматата во нашиот банкарски систем нема улога само нашата основна каматна стапка, туку има и на Европската централна банка затоа што половина од кредитите се во девизи или со валутна клаузула, а тие во најголема мерка се врзани со Еурибор. Еуриборот е секако под влијание на тоа што прави Европската централна банка. Значи, ако тие почнат порано да намалуваат каматни стапки ќе почне да се намалува и Еурлиборот, а со тоа, по автоматизам, сите каматни стапки кај нас што се врзани со Еуриборот ќе почнат да се намалуваат“, вели за поткастот „Каде се парите?“ со Горан Теменугов на www.pari.com.mk ,гувернерката Бежоска.
Што се однесува до кредитите земени во денари, а кои директно зависат од основната камата на македонската Народна банка, вели дека во наредниот период може, но не мора да има мала нагорна корекција, поради шестмесечно усогласување на каматите. Но, таа најави дека доколку продолжат поволните трендови кај инфлацијата и девизниот пазар, и нема реализација на нови ризици, олабавувањето на монетарната политика на НБМ, а со тоа и намалувањето на базичната камата, може да се очекува кон крајот на годинава. Намалувањето на базичната камата, ќе биде сигнал за банките да ги намалат каматите на кредитите, но тоа може да повлече и намалување каматите на депозитите.
Гувернерката Бежоска исто така посочи дека граѓаните кои имаат кредити во евра или со валутна клаузула, а се со променлива каматна стапка не треба да се стравува дека ако се намали Еуриборот, македонските банки нема да го земат во предвид овој податок и ќе ги задржат повисоките камати, бидејќи во Народната банка има „Дирекција за финансиска писменост и заштита на потрошувачи“ која контролира дали банките ги почитуваат договорните обврски кои ги имаат кон граѓаните.
Целиот поткаст може да го видите тука: