ПОВЕЌЕ

    Кредитите сѐ поскапи – И со месечно намалување, каматите растат на годишно ниво

    Време зa читање: 4 минути

    Просечната каматна стапка на вкупните депозити во ноември изнесува 1,74, а на кредитите 5,48 проценти. Месечните поместувања се различни, кај депозитите е забележано зголемување, а кај кредитите минимално намалување. Податоците се од последната анализа на Народната банка за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците.

    Ноемвриското минимално намалување е од 0,01 процентен поен. Сепак, на годишно ниво просекот на каматата стапка за кредитите е зголемен за 1,07 п.п. Месечното придвижување на стапката која се однесува за депозитите е 0,07, а годишно – за 0,97 процентни поени.

    За новоодобрените кредити просечната каматна стапка е намалена за 0,17 п.п. на месечна основа, а на годишна има раст од 0,89 п.п., при што изнесува 5,38 проценти. Стапката што се применува за новите депозити е 2,28 проценти. И тука има месечен пад – од 0,04 п.п., додека на годишно ниво е зголемена за 1,01 процентен поен.

    Според податоците од Народната банка, во текот на претпоследниот месец од годинава за кредитите од корпоративниот сектор се пресметувала просечна стапка од 5,36 проценти, која е  минимално намалена за 0,01 п.п. на месечно ниво. Како што се наведува, таа промена целосно произлегува од пониските камати предвидени за девизните кредити. Споредено со ланскиот ноември, просечната стапка во овој сегмент е повисока за 1,61 процентен поен.

    Кај новоодобрените кредити, по регистрираното месечно намалување од 0,32 п.п, просекот на стапката е 5,39 проценти. Оваа надолна промена е резултат на пониските каматни стапки на  денарските кредити без валутна клаузула и на каматните стапки за кредитите во странска валута. Годишно, зголемувањето е за 0,94 проценти поени.

    Што се однесува до депозити на компаниите, за нив се пресметувала просечна ноемвриска стапка од 2,23 проценти. Во однос на октомври е зголемена за 0,27 п.п., што се должи на повисоките стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на девизните депозити. А, пак, во споредба со состојбата од пред една година, просечната стапка е повисока за 0,93 процентни поени.

    Месечниот раст на стапката за новопримените депозити е 0,20 п.п. и изнесува 1,71 процент. Анализирано по валута, тоа е резултат од зголемените каматни стапки на денарските депозити со и без валутна клаузула (за 0,58 п.п. и 0,12 п.п., соодветно). Годишниот раст на оваа каматна стапка изнесува 0,59 процентни поени.

    По минималниот пад од 0,01 процентен поен, просечната стапка на вкупните кредити на домаќинствата во ноември изнесува 5,59%. Надолната промена, велат од Народната банка, е одраз на пониските каматни стапки за денарските кредити со валутна клаузула, за кредитите во странска валута и за денарските кредити без валутна клаузула. На годишна основа, оваа стапка е повисока за 0,57 процентни поени.

    Просекот кој важел за новоодобрените кредити во ноември бил 5,35 проценти. Тоа претставува месечен раст од 0,07 п.п, а се објаснува со зголемените каматни стапки за денарските кредити во странска валута, за денарските кредити без валутна клаузула и за кредитите со валутна клаузула. Споредено со ноември минатата година, просечната каматна е повисока за 0,80 процентни поени.

    Кај стапката што се пресметува за граѓанските влогови, во единаесеттиот месец е забележан раст од 0,05 п.п. и изнесува 1,69 проценти. Тоа движење произлегува од повисоките каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и за депозитите во странска валута. Оваа стапка е зголемена за 0,97 п.п. на годишно ниво.

    За новите депозити во ноември се применувала стапка од 2,46 проценти. Овде има месечно намалување за 0,11 п.п., што е базирано на пониските камати за денарските депозити без валутна клаузула и за девизните депозити. На годишна основа, пак, има раст од 1,10 процентни поени, покажуваат ноемвриските согледувања на Народната банка.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично