ПОВЕЌЕ

    44 МИЛИОНИ ЕВРА ЗАЕДНИЧКИ ПРОФИТ НА ГОЛЕМАТА БАНКАРСКА ТРОЈКА – Кредитите и каматите цврста база за добивка

    Време зa читање: 5 минути

    Комерцијална, Стопанска Скопје и НЛБ банка оствариле заеднички профит од 44,2 милиони евра. Износот е постигнат за само три месеци работа. Овој резултат е за близу три милиони евра подобар од достигнатите 41,26 милиони евра во минатогодишниот прв квартал. Банкарските активности се одвиваат со различно темпо, во некои сегменти има извесни заостанувања. Но, кај кредитирањето и приходите што се обезбедуваат од каматите движењата се одвиваат по нагорна линија, што е и основа за реализираната добивка.

    Највисока е добивката на Комерцијална банка, во износ од 19,16 милиони евра (16,9 милиони евра лани во првото тримесечје). Сепак, со зголемувањето од 13,4 проценти е позади Стопанска банка Скопје, чија добивка е натфрлена за 23,4 насто, а крајниот ефект се брои со 14,01 милион евра (11,35 милиони евра пред една година). НЛБ е единствената од големата тројка со потфрлување кај добивката. Во однос на споредбениот период бележи пад за 15,5 отсто, а се работи за сума од 11,02 милиони евра (13,04 милиони евра на 31 март 2023). Од НЛБ велат – „намалувањето се должи на пресметани исправки на вредноста на финансиските средства и посебната резерва за вонбилансната изложеност заклучно со 31.03.2024 година“.

    „ПАРИ“ ЕКСКЛУЗИВНО: 83,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЧИНЕЛЕ ЗДРАВСТВЕНИТЕ УСЛУГИ во четири приватни болници

    Пресметаните и наплатени камати ја претставуваат најсолидната основата на банкарските приливи. Во првите три месеци во „касичките“ на трите банки се слеале вкупно 68,37 милиони евра. Кај сите овој резултат е подобрен за над 20 проценти.

    Конкретно, кај Комерцијална банка се работи за плус 26,8 проценти и за износ од 23,79 милиони евра, кој е за над пет милиони евра повисок од лани евидентираниот во овој перод.

    Втора според растот од 24,9 насто е НЛБ банка, но по износот од 19,14 милиони евра е трета. Состојбата во овој сегмент за една година е подобрена за 3,8 милиони евра.

    Иако по растот од 21 процент кај приходите од камати скопската Стопанска банка е треторангирана, сепак е прва по остварените приливи од 25,44 милиони евра (лани 20,95 милиони евра).

    Од наплатените провизии и надоместоци за дадените услуги, од јануари до март овие банки заеднички инкасирале 14,12 милиони евра. Во голема предност пред другите, од аспект на растот е Комерцијална банка со зголемување на нето-приходите за 25,6 проценти, по што во оваа ставка се заведени 5,46 милиони евра.

    Според износот заработен од оваа активност – 5,2 милиони евра, следи НЛБ банка, со тоа што кај неа има минус од 1,1 отсто, на годишно ниво.

    На скопската Стопанска банка, пак, провизиите и надоместоците и донеле 3,46 милиони евра. За една година го поправила резултатот за три проценти.

    Во март, вкупните кредити одобрени од сите македонски банки се 7,3 милијарди евра, покажуваат податоците од Народната банка. На овој простор, повеќе од една третина зафаќа големата тројка – 3,74 милијарди евра.

    Најголемиот дел е кај Стопанска банка. Има кредити и побарувања (без банкарските) од 1,5 милијарди евра. Нема значајно поместување, односно нивото е приближно исто како и на крајот од минатата година.

    НЛБ банка е второпозиционирана со кредитни пласмани од 1,22 милијарди евра. За три месеци прагот е подигнат за 1,4 проценти.

    Кога се зборува за процентите, највисоки се кај Комерцијална банка. Кредитната активност е засилена за 4,3 насто, но гледано низ бројки, заостанува зад другите два банки. Одобрените кредити се во износ од 1,02 милијарди евра.

    За вкупните депозити мартовската статистика на Народната банка покажува сума од 8,63 милијарди евра. Повеќе од половината од овие пари им се доверени на Комерцијална, Стопанска и на НЛБ банка – 5,39 милијарди евра.

    Кај најголемата домашна банка граѓаните и компаниите депонирале 2,3 милијарди евра. Тоа е за 0,7 отсто помалку во однос на крајот од 2023 година, кога биле запишани 2,32 милијарди евра.

    Стопанска банка Скопје располага со 1,59 милијарди евра. Износот на депозитите е за три проценти понизок од состојбата на 31 декември лани (1,64 милијарди евра).

    И кај НЛБ банка е присутен трендот на намалување на влоговите, со 0,3 отсто. Таму се оставени на „чување“ 1,5 милијарди евра. Притоа, се објаснува дека промената се должи на „намалување на тековните сметки на нефинансиски правни лица за 8,3%, додека тековните сметки и депозитите по видување кај домаќинствата остварија пораст во првиот квартал од годината“.

    Комерцијална е најголема банка во државата со вкупна актива од 2,65 милијарди евра. Позначајни промени во првите три месеци, нема.

    Со 2,10 милијарди евра Стопанска банка е втора по големина. Нејзината актива е намалена за 1,4 отсто (2,13 милијарди евра на 31 декември 2023).

    За 0,2 проценти, пак, е зголемена вкупната актива на НЛБ банка, која на крајот од март бележи ниво од речиси 1,9 милијарди евра.

    МБИ 10 ВИСТИНСКИ РЕКОРДЕР ВО ПОСЛЕДНИТЕ ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ – постигна најголемо ниво од 2008 година досега

    Трите банки во финансиските извештаи наведуваат дека функционирале во отежнати услови, под неповолни надворешни и домашни влијанија, но ги следеле сопствените деловни политики и потребите на бизнисот и населението. Циниците би рекле – во лоши времиња добро им оди на лотариите, коцкарниците и на банките. Остварените резулта покажуваат дека и покрај сета неизвесност се стабилни, односно страничните потреси не се одразуваат врз нивната рамнотежа. Дека не се сосема имуни на случувањата во опкружувањето покажуваат и оние неколку забележани минуси во одделни сегменти од работењето.

    Заедничкиот профит на Комерцијална, Стопанска и на НЛБ банка за целата 2023 година изнесуваше 167,3 милиони евра. Завршницата од оваа прва годишна етапа најавува поголеми достигнувања.

    M.A.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично