Граѓаните и компаниите им должат на банките 7,6 милијарди евра. Месечното зголемување од 0,5 и годишното од 7,5 проценти потврдува дека и приватните и службените активности сѐ повеќе се потпираат на кредитната поддршка. Забележливо е и тоа дека во задолжувањето предност имаат заемите во домашната валута.
Официјалните податоци од Народната банка за август велат дека вкупниот износ на кредитите е 467.411.000.000 денари. Месечното нагорно движење е стимулирано и од домаќинствата и од корпоративниот сектор, но за разлика од претходно, овојпат повеќе од страна на фирмите.
Сепак, со своите 240.911.000.000 денари или 3,9 милијарди евра, населението го има поголемиот дел од долгот. Кој во август е повисок за 0,4, а на годишно ниво за 7,2 насто. Во текот на осмиот месец била доминантна побарувачката на девизните кредити, но генерално преовладуваат денарските.
Бројките покажуваат дека кога се во тесно за пари, граѓаните се ориентираат кон потрошувачките кредити, чие учество во вкупниот кредитен износ е со 124.370.000.000 денари, односно 2,02 милијарди евра. Во август бележат раст од 0,3 проценти, додека за една година е измерено зголемување од 6,4 проценти.
Станбеното прашање е решено со одобрени и повлечени 89.278.000.000 денари, што е противвредност на 1,45 милијарди евра. Кај станбените кредити месечното зголемување е за 0,8, а годишното за 10,8 насто.
Во осмиот месец на годината имало и поголем интерес за купување коли, при што помош е побарана кај некоја од домашните банки. Автомобилските кредити достигнуваат износ од 490.000.000 денари (7,96 милиони евра), со месечно поместување за 4,5 и годишно од 27,4 проценти.
Меѓутоа, забележлива е и серија „минус“. И натаму опаѓа задолженоста преку употребата на кредитните картички. Овојпат за 0,6 отсто месечно и за 8,9 отсто на годишна основа. Исто така, намалени се и негативните салда на тековните сметки – за 3,3 и 7,3 проценти месечно, односно годишно. Во август има осипување за 1,7 проценти кај кредитите одобрени врз други основи, додека на годишно ниво се работи за нама,лување од 19,5 отсто.
Што се однесува до компаниите, тие им должат на банките сума од 224.112.000.000 денари или 3,64 милијарди евра.
Минатиот месец кај одобрените кредити има зголемување од 0,5 насто, што на годишно ниво претставува раст од 8,1 процент. Според НБРСМ, тоа во целост е резултат на зголеменото кредитирање во денари, додека кредитите во странска валута се намалени.
М.А.