Кредитните агенции „Фич“ и „Стандард и Пурс“ го потврдија уште еднаш кредтниот рејтинг на Македонија. „Фич“ ја оценува земјава со ББ+, но сега со негативен изглед поради глобалната пандемија, додека „Стандард и Пурс“ со ББ- со стабилен изглед, соопшти Министерството за финансии.
И двете кредитни агенции, како резултат на Ковид-19 кризата и проекциите за забавување на глобалната економија, предвидуваат контракција на економскиот резултат во 2020 година и опоравување, односно раст во 2021 година, со тоа што „Фич“ проектира -4,2% за 2020 и 5,1% раст во 2021, додека „Стандард и Пурс“ -5% во 2020 и 3,8% во 2021 година.
„Кредитните агенции ги нотираат мерките кои се преземени од страна на Владата насочени кон зачувување на работните места, поддршка за најпогодените индустрии, како и меки регулаторни мерки. Како што се наведува и во двата извештаја мерките ќе придонесат за зголемување на буџетскиот дефицит и ќе влијаат на зголемување на државниот долг кој според проценките на кредитните агенции ќе се приближи до 50%. Заедно со опоравувањето на економијата се предвидува и намалување и стабилизирање на буџетскиот дефицит“, соопшти МФ.
Кредитните агенции го оценуваат банкарскиот сектор како стабилен исто како и домашната валута која има фиксен курс со еврото.
Од МФ наведуваат дека и двете агенции како позитивно го оценуваат зеленото светло од Европската унија за почеток на преговори што заедно со спроведувањето на реформи може значително да придонесе за развој на економијата.