ПОВЕЌЕ

    Крај на „една стратегија за сите“: Се предлагаат три пензиски портфолија според возраст и толеранција на ризик

    Време зa читање: 4 минути

    Растечко, балансирано и конзервативно – три нови инвестициски портфолија ќе им овозможат на граѓаните сами да избираат како се вложуваат нивните пензиски заштеди. Со воведувањето на оваа новина ќе се напушти актуелниот и застарен модел – исти услови за сите членови, без оглед на нивната возраст и подготвеноста за ризик. Целта е да се постигне поголема предвидливост на вложувањата, подобро управување со ризикот и поголема заштита на парите доверени од членовите на фондовите.

    Ова е суштината на предложената нацрт верзија за изменување и дополнување на Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, подготвена од Министерството за социјална политика, демографија и млади, а веќе е објавена на ЕНЕР.

    „Утврдувањето на видот на портфолио се врши во зависност од возраста на членовите на доброволните пензиски фондови во доброволно капитално финансирано пензиско осигурување“, се посочува во текстот.

    Воедно, се појаснува дека со воведување на портфолијата со различно ниво на ризик се овозможува:

    – обезбедување поголем очекуван принос за помладите членови на доброволните пензиски фондови преку повисоко ризични портфолија;

    зголемување на стабилноста за членовите кои се приближуваат кон пензија преку преминување во балансирани портфолија кои комбинираат принос и умерена заштита од пазарни флуктуации;

    намалување на ризичноста со приближување кон пензионирање, со цел заштита на досега акумулираните средства преку конзервативни стратегии на инвестирање и минимизирање на можните пазарни шокови во завршната фаза од членството.

    Сето ова треба да придонесе за поголема стабилност и предвидливост на пензискиот систем. Тоа, пак, би требало да влијае врз довербата, којашто ќе резултира со повисоки вложувања.

    „Овие новини ќе придонесат кон долгорочното штедење и раст на средствата под управување, со што се зајакнува домашниот финансиски пазар. На овој начин ќе постигнеме усогласување со меѓународни стандарди што може да го подобри кредитниот рејтинг и инвестицискиот амбиент“, смета предлагачот.

    Еве што конкретно би значело воспоставувањето на различни мултифондови.

    Растечко портфолио – Предвидено е за членовите кои имаат подолг временски хоризонт до пензионирање и се подготвени да прифатат повисок ризик за потенцијално повисоки приноси. Овој фонд ќе инвестира повеќе во акции и во други финансиски инструменти со повисок раст, што носи поголема можност за добивки, но и поголема изложеност на краткорочни колебања.

    Балансирано портфолио – Наменето за членови кои сакаат умерена комбинација од ризик и безбедност. Ова портфолио комбинира вложувања во акции и обврзници, со цел да се обезбеди умерен принос со пониска нестабилност од растечкото портфолио, прилагодено за среден временски хоризонт на штедење.

    Конзервативно портфолио – Овде својот интерес би можеле да го согледаат сите оние што се поблиску до пензија или сакаат минимален ризик. Инвестирањата во овој фонд се насочени кон обврзници и други стабилни инструменти, со цел да се зачуваат акумулираните средства и да се минимизира можноста за загуби.

    Како што е дефинирано во предлог-законот: растечкото портфолио има „стратегија на долг рок и претставува збир на финансиски инструменти со висок ризик и висок принос“; балансираното „претставува збир на финансиски инструменти со умерен ризик и умерен принос“, а конзервативното портфолио е „со стратегија на краток рок и претставува збир на финансиски инструменти со низок ризик, низок принос и висока ликвидност“.

    Или, накратко, суштината е во тоа секој член на доброволните пензиски фондови да може да одлучи како да се вложат неговите пари, со избор на растечко, балансирано или конзервативно портфолио, според личните потреби, возраста и толеранцијата на ризик. Паралелно со тоа, добива поголема заштита на акумулираните средства и потенцијално повисоки приноси.

    Воведувањето на мултифондовите, пишува во образложението, има индиректна и системска поврзаност со европската регулатива, пред  сѐ во поглед на правилата за управување со ризик и за дефинирање на инвестициски лимити. „Во земји од ЕУ, како Хрватска, Словачка, Балтичките земји и Полска се воведени мултифондови според европските стандарди, што ја прави регулативата релевантна и за Македонија“.

    Оваа проблематика е разгледувана во соработка со засегнатите страни, пензиските друштва и институции од финансискиот сектор. Нивните предлози и забелешки се земени предвид. Спроведувањето, пак, на одредбите ќе биде во надлежност на ресорното Министерство и на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    Оваа тема ја отворивме минатата година во поткастот Каде се парите со Горан Теменугов на pari.com.mk

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично