Пандемијата на ковид-19 го загрози светскиот туризам, намалувајќи го бројот на меѓународни пристигнувања од почетокот на годината до крајот на април за 44 отсто, во однос на истиот период лани, со загуба во приходите од 195 милијарди долари, извести Светската туристичка организација (УНВТО).
Иако се очекуваше дека април без оглед на присутната пандемија сепак ќе биде еден од пофреквентните периоди од годината поради велигденските празници, речиси целосното ограничување на патувањата доведе до пад од 97 отсто во меѓународните туристички пристигнувања тој месец.
Во март падот на светско ниво беше 55 отсто, додека за периодот од април па наваму, особено за летниот дел од туристичката година, од УНВТО напомнуваат дека се гледа некаква надеж, но дека сè уште е неблагодарно и неизвесно да се прогнозира.
УНВТО им препорачува на владите низ светот да се посветат на рестарт на туристичките политики и стратегии.