ПОВЕЌЕ

    Ковачевски: Развојната банка за пет години поддржа над шест илјади компании и 50 илјади работни места

    Време зa читање: 4 минути

    Во изминатите пет години, кога светот се соочуваше со кризи незапаметени во глобални размери, Развојната банка одигра значајна улога во зачувување на ликвидноста на компаниите, задржување на работните места и развој на економијата. Ова го оцени премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со директорот Кире Наумов, нагласувајќи ја важноста од континуираната поддршка на компаниите, првенствено на малите и средни претпријатија.

    „Развојната банка одигра значајна улога во зачувување на ликвидноста на компаниите, задржување на работните места и развој на економијата и во услови на глобални поместувања. Во периодот од 2019 до 2023 година, во време на Ковид-кризата кога стопанството целосно се затвори, преку Развојната банка поддржани беа 4.148 компании и 37.723 работни места со бескаматни кредити во износ од 45 милиони евра. Во услови на енергетска криза, пак, поддржани се 535 компании и 5.210 работни места со кредити во износ од 32 милиони евра. Со Фондот за развој, пак, поддржани се 54 компании и 378 работни места со кредити во износ од 9,2 милиони евра. Или конкретно, изминатите пет година, Развојната банка со реализација на антикризните мерки и воведените нови производи кои веќе се реализираат тековно, овозможи финансиска поддршка за компаниите во вкупен износ од 378,8 милиони евра, со што се поддржани 6.307 компании и 50.529 работни места“, потенцира Ковачевски.

    Како што додаде, во наредниот период се очекува реализација на нови производи и мерки во вкупен износ од 215 милиони евра за поддршка на 855 домашни компании.

    „Ова е дел од она што го правиме како Владата за да ги поддржиме компаниите, и во време на кризи да ја одржат својата ликвидност, но и да ги реализираат инвестициските проекти за да обезбедат раст на своите компании, а со тоа и раст на економијата во целост”, посочи премиерот. Притоа, дополни дека минатата недела беа пласирани 64,5 милиони евра кон домашните компании преку Развојната банка од заемот од Европската инвестициска банка преку ЕИБ 7 кредитната линија за трајни обртни средства и инвестиции за малите и средни претпријатија за инвестиции во зелена транзиција и општествено одговорни инвестиции.

    Главниот извршен директор, Кире Наумов, во контест на функционирањето на Развојната банка укажа дека се интензивирани активностите за обезбедување поволни зелени кредити, а се преговара со нови меѓународни кредитори.

    „Голема чест и задоволство ми претставува што зборувам за успесите на Банката која оваа година одбележува јубилеј – 25 години постоење. Кои значат 25 години континуирана поддршка на домашните компании. Средствата од ЕИБ 7 кредитната линија во износ од 64,5 милиони евра веќе се пласирани кон деловните банки, а новитет е потпишувањето на договорот со Француската развојна агенција за нови 50 милиони евра, кои ќе бидат достапни до компаниите преку деловните банки за зелени и социјални инвестиции. Во завршна фаза е и обезбедувањето средства од Банката за развој на Советот на Европа во износ од 50 милиони евра, кои дополнително ќе им се стават на располагање на микро, малите и средните претпријатија во државата“, наведе Наумов.

    За работењето на Банката говорат и финансиските резултати.

    „Активата на Банката во последните четири години кумулативно е зголемена за 56,2 проценти или во просек по 18,7 насто годишно. Нето-кредитите во последните четири години кумулативно се зголемени за 55 или во просек по 18,3 проценти годишно. Капиталот на Банката во последните четири години кумулативно е зголемен за 35,2 или во просек по 11,7 проценти годишно. Заклучно со 30 јуни годинава, 7,4 отсто од вкупните кредити на банкарскиот сектор пласирани кон нефинансиските друштва се со средства од РБСМ. Во фокусот на Развојна банка и во иднина ќе биде засилена поддршка на економски развојот на државата преку поволни кредити; зголемена поддршка на извозот, поддршка на зеленото финансирање како и поддршка на процеси кои се поврзани со дигитализација и иновативни решенија кај компаниите”, истакна директорот Наумов.

    На прес-конференцијата присуствуваа и министрите за финансии и за економија, Фатмир Бесими и  Крешник Бектеши.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично