
Ковачевски говореше за предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан, истакнувајќи ја важноста од создавање на услови за соработка и поттикнување на економскиот раст на државите во регионот. Тој повторно зборуваше и за стандардот на поранешна Југославија, потенцирајќи дека земјите во југоисточна Европа па и во Источна Европа, се економски силни, затоа што се членки на ЕУ, а правејќи споредба со стандардот на поранешна Југославија, Ковачевски рече дека стандардот тогаш бил 10 пати поголем од стандардот на некои сегашни земји членки на ЕУ.
„Стандардот на Југославија беше 10 пати поголем од стандардот на Словачка, Полска, Унгарија, Бугарија, Романија заедно. А стандардот на вашите земји, затоа што тука гледам луѓе од Словачка, Чешка сега е подобар само поради тоа што сте членки на ЕУ. Патот на напредување на Западен Балкан, како што велите вие е членство во ЕУ. Дали ќе дојде тоа одеднаш или секторски тоа начинот на кој ќе се спроведува“ рече Ковачевски.
Поддршката од европските фондови е клучна за развојот на земјите од Балканот, а членството во ЕУ е единствениот пат за нивен напредок. „Кога јазот се зголемува во економска смисла тоа значи дека нивото на образование се намалува, инфраструктуриниот јаз се зголемува, транспортниот јаз се зголемува имаме зголемување на јазот и во ефикасноста на институциите“, рече Ковачевски. “Помошта што ја добивме беше потребна, нужна во тоа време но исто така морам да потенцирам дека нашиот народ, нашите институции, заедно со премиерите на Албанија и Грција, работиме заедно се со цел да ја решиме кризата и ја поминавме зимата“, нагласи премиерот.