Премиерот го почитува мислењето на Здружението на инженерите дека треба „Чебрен“ треба да се изгради со сопствени средства, но смета дека прво треба да се направи анализа – колку една таква инвестиција би го оптоварила јавниот долг и колку државата добива од производството на електрична енергија. А, потоа да се донесе одлука, дали да се оди самостојно или со приватен инвеститор.
„Секогаш е добро, од финансиски аспект, да имате приватен инвеститор кој инвестира. Во тој случај ќе ја имате инвестицијата, а нема да го оптоварите јавниот долг со нови задолжувања.
Јас го почитувам мислењето на Здружението на инженерите дека треба да се прават со сопствени средства, тоа се искусни луѓе. Дел од нив се присутни во научната и во практичната сфера по четири децении“, посочи Ковачевски, додавајќи дека „четири децении тие капацитети не се изградени во државата“.
Притоа наведе дека лани државата се справувала со енергетска криза, со капацитети стари по 45 години.
„Битола и Неготино се капацитети од 1984 година со руска технологија и само благодарение на вештината на вработените таму, тие работа со полн капацитет“, нагласи Ковачевски во одговор на новинарско прашање при посетата на Универзитетската клиника за ортопедски болести.
За тоа што е подобро, дали енергетските капацитети да се градат со сопствени средства или со приватен инвеститор, анализа ќе направи Министерството за финансии кое, вели премиерот, има дневна соработка со ММФ и со Светска банка, каде што постојат модели како најдобро се прават тие инвестиции.
„Според мене, водородно-гасните централи треба да ги правиме со ‘Генералелектрик’ од САД, кои се наш најголем пријател споредено со сите други држави. Мислам дека дава долгорочна стабилност и сигурност во делот на енергетскиот сектор доколку се работи со инвеститор од САД. Меѓутоа, тоа е мое мислење, кое ќе биде едно од мислењата при носењето на финалните одлуки кога ќе дојде времето“, рече Ковачевски.
Воедно, упати на фактот дека финансирањето на дефицитот кај нас се прави преку ММФ, Светска банка, преку еврообврзниците.
„Дискрецискиот дел на Владата се однесува на капиталните инвестиции, а веќе имаме една инвестиција од 1,3 милијарди евра и затоа, секое ново оптоварување на Буџетот мора да биде консултирано и со оние кои го финансираат дефицитот“, смета премиерот.
Претходно, Здружението на инженери до Владата и до Собранието достави Иницијатива за донесување Закон за изградба на ПАХЕ „Чебрен“ со сопствени средства.