ПОВЕЌЕ

    Корона кризата не ги одмина ни пензиските фондови во земјата

    Време зa читање: 2 минути

    Падот на светските берзи поради корона кризата ги погоди и приватните пензиски фондови во земјата. 

    Пензиските друштва располагаат со над една милијарда евра, пари на осигурениците, а речиси 30% од нив се инвестирани во акции на светските берзи. Токму овој инструмент ја намали вредноста на заштедите кон средината на март, кога Светската здравствена организација прогласи пандемија со Ковид 19. Овој шок и падот на берзите ја спушти сметководствената единица и ја намали вредноста на парите на осигурениците во Македонија.

    Но целата среќа во овие несреќни времиња, велат познавачите, е тоа што пензиските фондови имаат добро портфолио. Акции во автомобилската индустрија и бизнисот со нафта, кои се најпогодени во кризата, но и инвестиции во фармацијата, како и во компаниите Амазон и Мајкрософт, кои книжат енормни профити во овој период.

    Од регулаторот МАПАС со смирувачки тонови. Велат дека ефектите од кризата ќе бидат краткорочни и се очекува постепено стабилизирање.

    „Нашите пензиски фондови сѐ уште се во фаза на акумулација и се очекува нивно постепено опоравување и стабилизирање, што би довело до добри инвестициски резултати коишто ќе надоместат за остварувањата предизвикани од актуелните пазарни шокови“ – кажа претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али.

    Од МАПАС велат и дека е добро што во овој период не се исплаќата пензии од приватните фондови. Дури над 95% од членовите на вториот пензиски столб се помлади од 50 години и се очекува краткорочните неповолни влијанија од корона-кризата да бидат неутрализирани во натамошниот период.

    Во ваква ситуација, велат од МАПАС, не се препорачува продавање на акциите, зашто по овие шокови се очекува берзите сами да се коригираат. Последните бројки веќе го потврдуваат тоа.

    Но пресметките покажуваат дека во следниот период треба се очекува помал прилив на пари во фондовите, зашто поради корона кризата платите се намалуваат, а ќе се зголемува и невработеноста.

    Најголем дел од парите на осигурениците, или над 60% се инвестирани во обврзници што ги издала државата и таму ризикот е најмал зашто каматите се однапред договорени.

    Со парите на граѓаните во пензиските фондови управуваат три друштва, Сава, КБ и најновото Триглав. Во нив членуваат над 500.000 вработени.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично