ПОВЕЌЕ

    Конзервативен, со притисок од сивата економија и од ПИОМ – Фискалниот совет за предложениот Буџет 2026

    Време зa читање: 5 минути

    Буџетот за 2026 година е поставен реално и претставува чекор кон фискална консолидација, но предвидениот раст на приходите е премногу скромен и не дава сигнали дека сивата економија конечно ќе се намалува. Ова е дел од клучните заклучоци на Фискалниот совет, кој предупредува дека без поголема дисциплина и поефикасна наплата на давачките државата ќе продолжи да работи со ограничен фискален простор.

    Советот уште еднаш укажува на важноста од подобар буџетски процес, внимателно планирање на капиталните инвестиции и целосно вклучување на доспеаните долгови од јавните претпријатија и институции во јавниот долг. Дополнително, се бара системско решение за ФПИОМ, затоа што со високи 40 проценти се финансира од Буџетот.

    Фискалниот совет оценува дека најголемиот дел од проекциите се поставени на реална основа.

    „Фискалниот совет цени дека проекциите на Буџетот за 2026 година речиси во сите компоненти се реални, дури и конзервативни, посебно во делот на јавните расходи, кои се во помала динамика на раст и од јавните приходи“, пишува во Мислењето на Фискалниот совет.

    Сепак, посочуваат, чуди ниската стапка на раст на јавните приходи.

    „Зачудува предвидената динамика на раст на јавните приходи со само 3,5%, што е дури и пониско од предвидениот реален економски раст“, па од Советот констатираат дека таквата проекција не дава простор за оптимизам: „Вакво предвидување не влева надеж дека јавните приходи би се зголемиле и по основ на намалување на сивата економија со зголемување на наплатата на јавните приходи“.

    Како што наведуваат, само реални мерки за намалување на неформалната економија можат да создадат дополнителен фискален простор:

    „Доколку се применуваат мерки за намалување на сивата економија, како што се најавува во самиот Буџет за 2026 година, би се создавал и фискален простор кој одамна речиси е потрошен“.

    Советот гледа позитивен сигнал во фискалната стратегија:

    „Проектираниот Буџет за 2026 година е насочен кон постепена фискална консолидација, која е потребна за постепено усогласување со Фискалната Стратегија за 2026-2030 година“, но истовремено предупредува дека тоа нема да биде доволно без силна дисциплина кај сите институции: „Истовремено, Фискалниот Совет препорачува поголема дисциплина во управување со јавните финансии кај сите буџетски корисници, со посебен осврт врз единиците на локална самоуправа“.

    Планираните капитални расходи се помали, но мора навреме да се реализираат:

    „Проектираните капитални расходи во висина од 40,5 милијарди денари, односно 3,6% од БДП, навистина се во помал износ од тековниот Буџет за 2025 година, но треба да бидат реализирани благовремено, со што ќе бидат и попродуктивни за економската активност“.

    Исто така, Фискалниот совет бара интервенција во пензискиот фонд, предупредувајќи дека е неминовно да се пристапи кон постепена консолидација на ФПИОМ. Проблемот е сериозен:

    „Имајќи предвид дека постојано расте потребата за трансфер од Буџетот за финансирање на ФПИом, треба да се најде соодветно решение за стопирање на растечкиот тренд за дотации од Буџетот до ФПИОМ, кој во моментот е околу 40%!“.

    Воедно, Советот останува на позицијата дека вкупниот јавен долг мора да ги содржи сите доспеани обврски:

    „Фискалниот совет продолжува да останува цврсто на ставот, во јавниот долг да бидат вклучени и доспеаните, а неизмирени обврски на јавните институции и претпријатија, согласно методологијата за фискална статистика на ЕУ.

    Истовремено, Фискалниот Совет препорачува поголема дисциплина во управување со јавните финансии кај сите буџетски корисници, со посебен осврт врз единиците на локална самоуправа“.

    Во тој контекст, Советот укажува на потребата од активен надзор на институциите и наградување на тие што работат дисциплинирано:

    „Наодите и препораките на Државниот завод за ревизија треба постојано да се следат со активен мониторинг на реализацијата и, на основа на тоа, да се наградуваат ЕЛС кои покажуваат резултати и прогрес во оваа насока. Истото треба да се примени и кај јавните претпријатија и претпријатијата со доминантен државен капитал во однос на нивната финансиска дисциплина“, се вели во заклучоците на Економскиот совет.

    Во документот, исто така се нагласува дека реалната проекција на економскиот раст, заедно со проекцијата на инфлацијата, претставува предуслов за реална номинална проекција на буџетот, особено на приходната страна.

    „Затоа, проекцијата за економски раст за 2026 година од 3,8%, врз основа на која се засноваат и јавните приходи и расходи, претставува оптимистичко сценарио“, велат од Советот.

    Притоа, упатуваат на предвидувањата од Светска банка, каде што растот е проектиран на 3% (World Bank Regular Economic Report, No. 28), а во последната проекција е 2,7%. Додека ММФ проектира пооптимистички, во висина од 3,2%, а Европската комисија предвидува 3,1%.

    „Фискалниот совет смета дека проекцијата за економски раст во 2026 година од 3,8% е оптимистичка, особено во однос на проекциите на меѓународните финансиски институции (ММФ и Светска банка). Сепак, таа е за 0,2 процентни поени пониска од проектираниот раст во Фискалната стратегија за периодот 2026-2030 година и за толку пониско од проекцијата на НБРМ. Од една страна, ваквиот пристап внесува оптимизам и поставува амбициозен таргет кој создава позитивен притисок за остварување, но од друга страна може да претставува и одреден фискален ризик, доколку послужи како поттик за фискална експанзија“.

    Од Советот укажуваат и на фактот дека „овој предлог буџет е изготвен без консултации на буџетските корисници со што се нарушува инклузивноста во буџетскиот процес и се сведува само на писмените барања на буџетските корисници кои би биле доволни доколку се прифатат во буџетот целосно“.

    Генералната оценка за Предлог-буџетот за 2026 година е дека е конзервативен, проектиран врз реални можности и насочен кон фискална консолидација. „Вака поставен, буџетот ќе обезбеди и макроекономска стабилност“, се вели во Мислењето на Фискалниот совет, кое е доставено до матичната Комисија за финансирање и буџет.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично