ПОВЕЌЕ

    Конкурс на КХВ: Годишна награда за најдобар труд на младите истражувачи

    Време зa читање: 2 минути

    Комисијата за хартии од вредност распиша конкурс за доделување на годишната награда за млади истражувачи, чии трудови ќе бидат оценети како најдобри за 2023. Кандидатите треба да се пријават со трудови од областа на пазарот на капитал.

    Еден автор има право да поднесе само еден труд и тоа како единствен автор или пак како коавторство. Може да се конкурира со  веќе објавени трудови, но не пред 1 јануари годинава.

    Изборот на најдобар труд го врши одбор за оценување, анонимно, преку рецензија на сите трудови кои ќе влезат во конкуренција. Оригиналните текстови ќе бидат бодувани. Прва награда која изнесува 50.000 денари се добива со освоени 91 до максималните 100 бода; за втората награда од 30.000 денари се потребни 81 до 90, а добиените 75 до 80 бодови гарантираат 20.000 денари колку што се предвидени за третонаградените.

    Воедно, од КХВ нагласуваат дека покрај апстрактот, трудовите треба да ги содржат главните делови – вовед; преглед на литература; методологија; резултати/наоди; дискусија; заклучок и препораки; референци. А, се препорачува да се одбегнат долгите наслови.

    Поени, пак, се стекнуваат доколку се испочитувани следните критериуми: релевантност и адаптација на темата за истражување на пазарот на капитал (10 бода); јасна дефиниција на проблемот и целите на истражувањето (10 бода); структурирање на трудот според упатството (10 бода); соодветност на разгледаната литература (15 бода); ниво на искористена методологија на истражувањето (15 бода); толкување на резултатите и наодите, како и верификација на истражувачки тези во трудот (10 бода); заклучоци и препораки и нивна соодветност (10 бода); соодветно цитирање на авторите и составување на библиографија според упатството (10 бода); ниво на искористен академски јазик во трудот (10 бода).

    Трудовите може да бидат напишани на македонски или на албански јазик. Заедно со пропратните документи треба да се достават до КХВ со назнака „За Годишната награда за најдобар труд на Комисијата за хартии од вредност – 2023“. Крајниот рок е 10 март 2024 година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично