ПОВЕЌЕ

    Комуналците ќе го чистат Скопје, проблемите ќе ги решаваат на друг начин

    Време зa читање: 3 минути

    Заврши работата со мафијашките структури, претпријатието е комплетно ставено во функција, објави директорката на „Комунална хигиена“, Косана Мазнева Николиќ, која тврди дека екипите, почнувајќи од полноќ непрекинато работат и го чистат сметот низ Скопје.

    „Екипите по полноќ се пуштени на терен, екипирани се сите работници и ве уверувам дека нема да постои ниту една општина кадешто нема да се исчисти сметот. Почнато е со градските главни улици, ќе работиме 24 часа, онолку колку што е потребно, без никаков застој, само да може да ги сервисираме граѓаните на Скопје“, изјави директорката на прес-конференција.

    Блокадата, наведе, е иницирана од помала група вработени, но со помош од лица кои не биле вработени во претпријатието. Тие, децидна е Мазнева Николиќ, со години наназад противзаконски ја држеле третата смена, додека дел од нив воопшто не се појавувале на работните места.

    Според неа, претпријатието било под заложништво на мафијашки структури. Сепак, не ги соопштува јавно имињата, како што вели, поради заштита на личните податоци. Меѓутоа, ги повика институциите побрзо да постапуваат, укажувајќи дека се информирани сите надлежни.

    „Поголем дел од нив воопшто не се појавуваат на работното место, го блокираат редовното работење на претпријатието и извршувањето на работните задачи и исто така, не дозволуваа овие неколку дена да се исчисти сметот во Скопје. Иако навремено ги известивме надлежните институции за блокадата, им беше дозволено и понатаму да продолжат со самоволието и со незаконската блокада на јавното претпријатие. Откако притисокот од јавноста стана целосно неподнослив, надлежните органи ја завршија својата работа и ја остранија блокадата на претпријатието“, рече таа.

    Во контекст на барањата од вработените, директорката кажа дека исплатила К-15 првпат по 2007 година, а освен тоа, поделени им се лични и заштитни средства и опрема. За финансиската состојба на комуналното претпријатие најави дека ќе говори на друга прес-конференција.

    Инаку, вработените се враќаат на работните обврски по средбата со Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва – СУТКОЗ. Тога е договорено меѓу единствен репрезентативен синдикат за комунални дејности и Извршниот одбор на Синдикалната организација на „Комунална хигиена“. Во текот на денот ќе се одржи нов состанок, кога и ќе се зборува за тоа како понатаму ќе се одвиваат работите кои произлегуваат од барањата на вработените во претпријатието.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично