Стопанска банка Битола е ставена „под лупа“ од страна на Македонската берза. Потегот следи по официјалната информација за намерата на Комерцијална банка да даде понуда за нејзино преземање.
„Ве известуваме дека е донесен заклучок за внесување на издавачот Стопанска Банка АД Битола на ‘Листата за набљудување’ што се објавува на веб страницата на Берзата, согласно член 61-а од Правилата за котација.
Внесување на друштвото Стопанска Банка АД Битола на ‘Листата за набљудување’ е со цел за обрнување на внимание на инвеститорската јавност поради објавената намера за давање понуда за преземање на друштвото“, пишува во објавата на Македонска берза.
Потенцијалниот преземач е банката која за шест месеци работа направи профит од 46 милиони евра. Комерцијална како најголема банка има вкупна актива од 166.758,4 милиони денари, односно 2,7 милијарди евра. Состојбата е од 30 јуни, а споредено со крајот на 2023 има зголемување од 1,9 проценти.
Стопанска банка, пак, во првиот дел од годинава оствари добивка од над 827 илјади евра. Тоа значи дека излезе од минусната фаза. На крајот од минатата година беше во загуба од 871 илјада евра. Исто така, може да се пофали дека на последниот ден од јуни стапката на адекватност на капиталот е 24,57 проценти, а учеството на ликвидната во вкупната актива достигна 43,42 проценти и се значително над просечните нивоа регистрирани во банкарскиот сектор. Вкупната актива е 11.790.791.000 денари или 191,3 милиони евра. Оваа банка има 200 вработени.
Најголем акционер на битолската Стопанска банка е „Пелистерка“ АД Скопје на Цветан Панделески, кој поседува 21,85 проценти од акциите. А, пак, 970 се акционерите кои немаат квалификувано учество, а нивниот удел е 78,15 отсто.
Банката има издадено 390.977 обични акции со номинална вредност од 3.000 денари.
Најавата за можното спојување ја зголемува вредноста на акциите на Стопанска банка Битола. Или, во двата неповолни денови за банкарските хартии од вредност, оваа акција бележи раст. Понеделнички доби плус 1,69 проценти, а во вторникот уште 1,28 насто. Просечната цена е 3.393 денари.
Со реализацијата на најавеното соединување на големиот и малиот банарски субјект, на домашниот финансиски простор ќе се создаде банка со сериозни димензии. Со актива која ќе биде на чекор до три милијарди евра.
Инаку, според берзанските правила за котација, на листата за набљудување одредена компанија може да се најде поради две причини.
Првата е во случај кога Берзата ќе утврди и ќе изрече мерка врз основа на сериозно непостапување, односно за непочитување на пропишаните првила.
А, втората е со цел да и се обрне внимание на инвеститорската јавност за „определени актуелни состојби поврзани со конкретниот издавач – во случаи на поспецифични ситуации поврзани со хартиите од вредност или со работењето на издавачот“. Притоа се појаснува дека тоа е механизам за комуникација со инвеститорите и нивно дополнително информирање дека кај одредено котирано друштво се настанати поспецифични околности што треба да се имаат предвид кога се носат инвестициски одлуки во тргувањето со конкретни хартии од вредност. Како во примерот со Стопанска банка Битола.