ПОВЕЌЕ

    Комерцијална длабински ќе ја анализира Стопанска банка Битола – објавен нов чекор кон можното спојување

    Време зa читање: 3 минути

    Комерцијална банка ќе спроведе длабинска анализа на Стопанска банка Битола, а врз основа на наодите ќе се дефинира намерата за евентуално спојување. Ова е одлука на Надзорниот одбор, а ценовно чувствителната информација ја сподели најголемата домашна банка.

    Во известувањето, упатено преку Македонска берза до инвеститорската јавност, пишува:

    „Комерцијална банка АД Скопје ја известува јавноста дека Надзорниот одбор на Банката на 25.04.2024 година донесе Одлука за спроведување постапка на длабинска анализа на целокупното  работење на Стопанска банка АД Битола со цел да се дефинира намера за присоединување на Стопанска банка АД Битола кон Комерцијална банка АД Скопје.

    По завршување на постапката на длабинска анализа, Комерцијална банка АД Скопје ќе донесе одлука дали да продолжи постапката со изразување на намера за склучување на трансакцијата на присоединување, за што јавноста ќе биде известена“.

    Ова е втора официјална објава на тема можно припојување на битолската Стопанска кон Комерцијална банка. Првично, намерата беше обелоденета на крајот од септември минатата година, кога двете банки излегоа со идентични соопштенија. И, кога беше најавено дека „вистинската длабинска анализа ќе биде спроведена после усвојувањето на завршните сметки за 2023 година на двете банки на нивните собранија во 2024 година“.

    Доколку дојде до реализација на овој зафат, спој на голем и мал банарски субјект, на домашниот финансиски простор ќе се создаде банка со сериозни димензии. И досега најголемата банка ќе стане уште поголема, со актива која ќе биде на чекор до три милијарди евра. Активата на Комерцијална банка, со состојба од 31 март годинава е со износ од 163.620,5 милиони денари, што е еднакво на 2,65 милијарди евра.

    Стопанска банка Битола сѐ уште го нема објавено финансискиот извештај за првото тримесечје, но според податоците од крајот на 2023, се работи за актива од 11.142.290.000 денари или над 181 милион евра. Во структурата на активата најголемо учество од 52,1 отсто имаат кредитите, а на страната на изворите депозитите зафаќаат дури 81,25 проценти. „Во 2023 година, Банката ја засили високата капитална и ликвидносна позиција, односно стапката на адекватност на капиталот изнесуваше 22%, високо над просекот на банкарскиот систем (18,4% во Кв.3 2023 година), а стапката на ликвидна актива во вкупна актива достигна 34,0% (21,5% во Кв.3 2023 година), што повторно е над просекот од банкарскиот систем“, пишува во нивниот годишен извештај.

    Инаку, Стопанска банка Битола, која лани ја прослави 75-годишнината од постоењето, има издадено 390.977 обични акции, од кои со право на глас се  390.514 акции. Во јубилејната година, како што информираа, остварен е позитивен резултат од оперативното работење, со зголемени каматни приходи и со делумно санирање на состојбата предизвикана од нефункционалните кредити.

    На вчера одржаното акционерско Собрание е донесена одлука загубата по годишната сметка за 2023 година, од 189.817.896 денари или над три милиони евра, да се покрие од средствата на задржана добивка – ограничена за распределба на акционерите.

    За тоа што ќе се случува понатаму и како ќе се одвиваат работите, за јавноста нема информации. Сепак, ако се случи спојувањето, ќе има и големи промени на банкарскиот пазар во земјава.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично