Повеќе инестиции во енергетската ефикасност на домаќинствата и на производителите на опрема ќе иницира новата кредитна линија од 3,5 милиони евра што Комерцијална банка ја доби од ЕБОР. Заемот ќе биде во функција за поддршка на зелените технологии, материјали и решенија за станбени згради и куќи во приватна сопственост. Со инвестициите во опрема за заштеда на енергија – изолација, прозорци, топлински пумпи и соларни панели, ќе се намалат емисиите на стакленички гасови и трошоците за енергија, а ќе се отигне и намалување на високата енергетска и јаглеродна зависност на домаќинствата.
Заемот е дел од ГЕФФ програмата на ЕБОР, поддржана од ЕУ и од Јапонија. Средствата од оваа програма досега влијаеле за подобрување на енергетската ефикасност на 18.000 домаќинства во земјите од Западен Балкан.
Договорот за заем го потпишаа претседателката на ЕБОР, Одил Рене Басо, и главниот финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, Маја Стевкова Штериева.
„Навистина сум среќна што Комерцијална банка повторно ќе може да даде свој придонес за успешна имплементација на ГЕФФ програмата во нашата држава. Оваа зелена кредитна поддршка е многу значајна затоа што овозможува поголема енергетска ефикасност на домовите, заштеда и подобар квалитет на животот. Горди сме што со новата понуда на кредити за енергетска ефикасност на домаќинствата ќе помогнеме да се намали енергетското оптоварување на многу семејни буџети и ќе придонесеме во напорите за справување со климатските предизвици и за создавање поздрава и почиста животна средина“, изјави Стевкова Штериева.
Според Рене Басо, овој проект обезбедува директна придобивка за граѓаните.
„Горди сме што ја одржуваме нашата поддршка за транзицијата кон зелена енергија во Северна Македонија со финансирање на инвестиции во енергетска ефикасност на домовите, кои се најголеми потрошувачи на енергија во земјата. Освен што придонесува за зелена и одржлива иднина на Северна Македонија, овој проект обезбедува директни придобивки за граѓаните. Со намалување на сметките за енергија и со подобрување на удобноста во домот, овие инвестиции значително ќе го подобрат животот на граѓаните“.
Комерцијална банка обезбеди и техничка помош за воспоставување нов модел на зелено кредитирање во секторот на станбените згради, која ќе им биде понудена и на заинтересираните градежни компании, продавачи и производители на зелени технологии. Целта е да се унапреди зелената транзиција на резиденцијалниот сектор во целина.