Во периодот од 01.01-31.12.2020 година Банката од своето работење оствари нето добивка за финансиската година во износ од 1.912,0 милиони денари наспроти остварената нето добивка за претходната година во износ од 1.806,8 милиони денари, такашто истата е зголемена за 5,8%. Планираната бруто-добивка за 2020 година е остварена со 105,4%.
Остварената добивка пред исправка на вредноста, е за 33,4% поголема во однос на истиот период минатата година. Значителното зголемување на добивката пред исправка на вредноста главно произлегува од зголемувањето на останатите приходи, односно приходите од капитална добивка од продажба на преземен имот по основ на ненаплатени побарувања од клиентите Прототип ДООЕЛ Скопје, Технометал Вардар АД Скопје и ФКН Неготино.
Повисокиот износ на добивка е остварен во услови на позначителен пораст на дополнителната исправка на вредноста на финансиските средства заради влошување на квалитетот на корпоративното кредитно портфолио, како резултат на кризата предизвикана од ковид-19. Имено, исправката на вредноста на финансиските средства и посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето основа достигна 1.369,7 милиони денари на 31.12.2020 година, наспроти 588,5 милиони денари во 2019 година, при што оценуваме дека Банката изврши определена антиципација на очекуваното влошување на кредитното портфолио и за 2021 година, особено во секторите на угостителството и туризмот.
Позитивниот резултат од работењето, Банката го оствари во услови на прогласена вонредна состојба во Државата поради пандемијата со ковид-19 во периодот март-јули, и прогласена кризна состојба потоа. Во изминатиот период Банката преземаше интензивни активности и во целост го прилагоди своето работење со донесените препораки и уредби од Владата заради заштита на здравјето на вработените и клиентите, како и со измените на регулативата поврзана со управувањето со кредитниот ризик и останатите одлуки донесени од страна на Народната банка, кои беа креирани пред се’ за да ги заштитат клиентите на банките кои се директно погодени од кризата. Исто така, со цел да го заштити здравјето на вработените и на клиентите, во Банката беа преземени бројни организациско-технички активности, кои обезбедија континуитет на деловните операции и овозможија достапност на услугите на безбеден начин. И покрај тоа што е укината вонредната состојба и престана важноста на голем број од рестриктивните мерки, неповолната состојба со ковид-19 продолжува и во следниот период, поради што од страна на Владата е донесена Одлука за продолжување на рокот на постоење кризна состојба во Државата до 30.06.2021 година.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 5.384,3 милиони денари и бележат зголемување од 23,2% во однос на истиот период од минатата година.
Нето-приходите од камата бележат зголемување од 0,7% во однос на истиот период од минатата година како резултат на зголемувањето на приходите од камата остварени од секторите домаќинства и држава. Ова е реализирано во услови на континуиран тренд на намалување на активните каматни стапки, при намалена понуда и каматни стапки на благајничките записи, како една од мерките поврзани со здравствената криза. Планот за анализираниот период е остварен со 99,2%. 2
Нето приходите од провизии и надоместоци на 31.12.2020 година во однос на истиот период од минатата година бележат намалување од 5,8%. Ова намалување е остварено како резултат на намалениот обем на работа, поголемо користење на електронското банкарство од страна на клиентите, каде се работи со намалени надоместоци во однос на користење хартиени налози, како и поради укинати надоместоци за електронско банкарство за физички лица во периодот на постоење вонредна состојба заради ковидкризата. Планот за анализираниот период е остварен со 92,4%.
Нето приходите од курсни разлики на 31.12.2020 година изнесуваат 165,1 милиони денари и бележат зголемување од 39,8% како резултат на активности на девизен пазар и по основ на курсирање на билансните позиции во услови на промени на средниот курс на валутите УСД и ЕУР. Планот за анализираниот период е остварен со 139,9%.
Останатите приходи од работењето на Банката на 31.12.2020 година изнесуваат 1.830,4 милион денари и бележат повеќекратно зголемување главно како резултат на зголемување на приходите од капитална добивка по основ на продажба на преземен имот, како и поголем износ на наплатени претходно отпишани побарувања. Планот за извештајниот период е трикратно надминат.
Оперативните расходи за периодот 01.01-31.12.2020 година изнесуваат 1.943,1 милион денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 8,5% како резултат на зголемени премии за осигурување на депозитите, зголемени трошоци за компјутерска опрема заради прилагодување за работа од дома, за хигиена и ангажирање редари согласно ковид-мерките, како и зголемени трошоци за амортизација и за спонзорства и донации. Во услови на пандемија Банката направи повеќекратни улати за помош на здравствениот систем во услови на криза. Исто така, Банката вложи поголем износ за спонзорства во областа на спортот врз основа на ваучери издадени од Агенцијата за млади и спорт, со што се стекнува со право за намалување на данокот на добивка во висина на вкупниот износ на донираните средства. Планот кај оваа позиција е остварен со 117,7%.
Во периодот од 01.01-31.12.2020 година Банката прокнижи 4,4 милиони денари исправка на вредност на нефинансиски средства, односно 20% од нето вредноста на преземениот имот согласно регулативата на НБРСМ.
Биланс на состојба
Вкупната актива на Банката на 31.12.2020 година достигна износ од 132.709,2 милиони денари и во однос на декември 2019 година бележи зголемување од 7,9%. Зголемувањето на вкупната актива во најголем дел произлегува од порастот на паричните средства, кредитите дадени на комитенти и вложувањата во хартии од вредност. Планот е остварен со 103,9%.
Паричните средства и паричните еквиваленти бележат зголемување од 2,2% како резултат на зголемувањето на денарските и девизните депозити во НБРСМ и зголемени средства на тековните сметки во странски банки. Планот е остварен со 94,3%.
Средствата за тргување во износ од 45,1 милиони денари бележат намалување од 77,1% како резултат на продажбата на акциите од TIRANA BANK SH.A. Albania. Планот е остварен со 123,6%.
Финансиските средства по објективна вредност преку билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 344,5 милиони денари се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови.
Кредитите на и побарувањата од банки бележат намалување од 78,2% главно поради доспевање на орочените депозити во странска валута од 3 месеци до една година и нивно преорочување на пократки рокови. Покрај тоа, намалувањето во помал дел е резултат на продолжување со активностите за реструктурирање на активата во странска валута започнато во минатата година, со цел да се обезбедат поголеми приноси преку пласирање средства во должнички хартии од вредност. Планот е исполнет со 22,3%.
Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 0,3% како резултат на зголемено кредитирање на секторите домаќинства, нефинансиски друштва и држава, при што кредитирањето на домаќинства забележа помала динамика на раст споредено со кредитите на нефинансиски друштва. Банката во извештајниот период учествуваше заедно со уште пет банки во кредитирање на Министерството за финансии за потребите на буџетско финансирање, кој кредит беше отплатен во декември согласно договорените улсови. Планот е остварен со 96,5%.
Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 91% главно како резултат на поголем износ на купени континуирани државни обврзници во денари и еврообврзници во странска валута. Планот е остварен со 192,9%.
Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се намалени за 40,1% и истите претставуваат минимална позиција во билансот на Банката.
Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 116.773,7 милиони денари и бележат зголемување од 8,5%. Планот е остварен со 104,8%.
Обврските по кредити достигнаа износ од 576,4 милиони денари и се намалени во однос на декември 2019 година како резултат на отплатени доспеани рати од кредитните линии. Планот е остварен со 95,9%.
Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 31.12.2020 година достигнаа износ од 13.899,1 милиони денари и во однос на 31.12.2019 година се зголемени за 5,0%. Во извештајниот период Банката го зголеми резервниот фонд за 6,9% по основ на распределба на нето-добивката за 2019 година, со што ја зајакна капиталната база и обезбеди целосно исполнување на регулаторните барања.