Малите и средните претпријатија што ќе инвестираат во обновливи извори на енергија и во енергетски ефикасни проекти, можат да обезбедат поддршка од Комерцијална банка, која располага со нова кредитна линија од четири милиони евра. Средствата се обезбедени како заем од Европската банка за обнова и развој, во рамките на заедничката програма Green Finance Facility, финансирана од фондот SDG, Владата на Северна Македонија и од ЕБОР.
„Со новата кредитна линија обезбедуваме значајна поддршка за МСП, затоа што зелената транзиција и одржливоста се клучни фактори за иден развој“, посочуваат од Комерцијална банка.
Врз договорот за овој заем стојат потписите на главната финансова директорка и член на Управниот одбор на комерцијална банка, Маја Стевкова Штериева, и на раководителот на Канцеларијата на ЕБОР во земјава, Фатих Туркменоглу. Со тоа, оваа банка се приклучи кон програмата Green Finance Facility и ќе даде уште еден значаен придонес за поттикнување на зелените инвестиции во приватниот сектор и за намалување на емисијата на штетни гасови во животната средина.
„Оваа финансиска поддршка ќе им овозможи на претпријатијата кои ги исполнуваат условите пристап до потребниот капитал за инвестирање во обновлива енергија и во енергетски ефикасни технологии, со што ќе ги намалат трошоците, ќе го подобрат влијанието врз животната средина и ќе придонесат за транзиција кон поодржлива иднина. Како Банка, ние сме посветени на поттикнување на иновациите и на економскиот раст преку охрабрување на малите и средните претпријатија да чекорат кон зелена економија“, изјави Стевкова Штериева.
На овој начин ќе им се овозможи на бизнисите да растат одговорно и дадат придонес во борбата против климатските промени, истакна Туркменоглу:
„Овој заем ја покажува нашата посветеност на зајакнување на малите и средните претпријатија во земјата да усвојат технологии за обновлива енергија и за енергетска ефикасност. Многу сум среќен што Комерцијална банка се приклучува кон оваа заложба, со тоа што за првпат дава кредити преку GFF. Со олеснување на пристапот до одржливо финансирање имаме за цел да ја поттикнеме транзицијата кон зелена и инклузивна економија, овозможувајќи им на бизнисите да растат одговорно и да придонесуваат во борбата против климатските промени“.
ЕБОР како главен институционален инвеститор во државата досега има инвестирано 2,9 милијарди евра во 197 проекти.