Во услови на силно изразени економски неизвесности и зголемени потреби на населението од помош и поддршка, Комерцијална банка е особено горда што повторно ќе обезбеди значајна финансиска поддршка за најранливите категории граѓани.
Банката 13-та година по ред останува Генерален покровител на проектот „Подобра социјализација на деца и млади со попреченост и психо-социјална поддршка на деца во згрижувачки семејства”, преку кој во соработка со Црвениот крст во Република Северна Македонија помага за подобрување на квалитетот на животот на 340 дечиња во земјава.
Нашата цел е преку овој проект да поддржиме повеќе активности за развивање на креативниот капацитет на децата и на младите на кои им е неопходна поголема вклученост во општеството за да се чувствуваат еднакви, среќни и исполнети. За таа цел се вклучуваат и вработени-волонтери од Комерцијална банка, кои со голема емпатија и ентузијазам им помагаат на тимовите на Црвениот крст во организирање редица креативни работилници, хуманитарни продажни изложби, едукации, згрижување и психолошка поддршка на децата и слично.
Нашата поддршка е особено значајна затоа што ја намалува ранливоста на нашите сограѓани и создава еднакво општество за сите. Хуманоста, сочуството, солидарноста и грижата за квалитетен живот на сите граѓани е наша постојана мисија, во која се водиме од нашето мото дека Полесно е заедно да стигнеме до поголеми успеси.