Вработените на Комерцијална банка и годинава донираа храна за социјално ранливите групи граѓани во земјава. „Се гордееме со хуманоста на нашите вработени“, се вели во информацијата која банката ја сподели на социјалните мрежи за акцијата на нејзините вработени, која е традиционална, по повод Светскиот ден на гладта -16 октомври.
Општествената одговорност е длабоко вкорената во работењето на Комерцијална банка, а хуманоста и сочуството се вредности од кои се водат и вработените во Банката во нивната лична грижа за подобар живот во нашето општество, велат од Комерцијална.
Преку годинешната донаторска акција вработените и менаџментот на Комерцијална банка обезбедија 36 пакети прехранбени производи, кои беа предадени на Црвениот крст на Општина Центар. Оттаму треба да стигнат до семејствата и поединците на кои им се неопходни.
Остануваме посеветени на хуманоста и на добрите дела затоа што полесно е заедно да го подобриме квалитетот на животот на сите граѓани во земјава, истакнуваат од Банката.