Две амбулантни возила за Итна помош, 280 кислородни концентратори, маски за неинвазивна вентилација и 7.120 тестови за Covid-19 донираше Комерцијална банка на Министерството за здравство за да им помогне на здравствените власти во справувањето со последиците од вирусот. Со најновата донација во вкупна вредност од 20.700.855,00 денари (околу 336.600 евра), Комерцијална банка уште еднаш даде поддршка на македонското јавно здравство.
„Во борбата со пандемијата сме исправени сите и сите во рамките на своите можности треба да придонесеме за полесно справување со пандемијата. Развојот на настаните ни покажува дека за жал вирусот Covid-19 и натаму претставува сериозна закана за здравјето и животот на граѓаните, кој ги исцрпува медицинските ресурси и силите на здравствените работници. Со најновата донација Комерцијална банка прави нов исчекор и уште еднаш дава значајна поддршка на општеството во овие исклучителни мигови за нашата земја и за граѓаните. Нашата цел е како банка во соработка со Министерството за здравство да им помогнеме на здравствените власти во справувањето со последиците од вирусот“, изјави д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје.
Годинава, ова е петта по ред донација на Комерцијална банка за потребите на јавното здравство, со што вкупната помош од Банката за здравствените работници достигна 590.000 евра.
Во март, беа донирани медицински заштитни маски за лице во вредност од 1.198.750,00 денари, беше обезбедена финансиска помош – донација во износ од 6.150.000,00 денари за потребите на Министерството на здравство и дополнителни 8.220.000,00 денари за вработените во Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби Скопје и Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија. Со најновата донација, за потребите на јавните здравствени установи Комерцијална банка обезбеди две амбулантни возила за Итна медицинска помош, 280 кислородни концентратори наменети за контиунирана кислородна терапија на пациенти со хронични белодробни заболувања, 7.000 брзи тестови за утврдување на присуство на вирусот Covid-19, 120 реагенси за тестови, како и маски за неинвазивна вентилација за еднократна и повеќекратна употреба.