Расте цената на струјата, но растат и платите. Анализата што ја направи порталот „Пари“ врз основа на официјални податоци покажува дека сега со една просечна-нето плата во државата може да се купи повеќе струја од пред една деценија, но помалку од лани. Така, сега може да се купат 4.829 киловат-часа електрична енергија, на крајот од минатата година 5.176 киловати, а пред 10 години можеле да се купат 4.371 киловат-часова.
Како дојдовме до овој податок?
Од 1 јануари се зголеми цената на електричната енергија за 9,48 проценти, а тоа значи дека секој коловат-час електрична енергија потрошен во високата тарифа, која сега е цел ден од 7 часот наутро до 22 часот, чини 7,32 денари, додека ниската, ноќна тарифа, е 3,67 денари. Граѓаните кои немаат двотарифни броила плаќаат струја по цена од 5,87 денари за еден киловат-час.
Според податоците за цената на струјата, сегашните цени се за околу 44 проценти повисоки од оние пред 10 години. Притоа, во анализата на цените ги земавме во предвид реалните цени, со вкалулирани 33,33 проценти за активна моќност која во 2012 година се пресметуваше издвоено и официјално не влегуваше во објавената цена за еден киловат- час електрина енергија, за разлика од сега.
РАСТ НА ЦЕНИ ЗА ЕДНА ДЕЦЕНИЈА
(денари за киловат-час)
Тарифа | 2012 година | 2022 година (до 1 јули) |
---|---|---|
Една тарифа | 4,07 | 5,87 |
Висока тарифа | 5,07 | 7,32 |
Ниска тарифа | 2,53 | 3,67 |
Но, за да имаме уште пореална слика за тоа колку киловат-часа електрична енергија можевме да купиме со плата во 2012 година, а колку сега, ќе земеме предвид и дека во моментов на сила е временото решение за намалено ДДВ за електрична енергија од 18 на 5 проценти, кое важи до јули годинава кога ДДВ за електрична енергија треба да биде 10 проценти.
ЦЕНИ НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА СО ДДВ
(денари за киловат-час)
Тарифа | 2012 година | 2022 година (до 1 јули) |
---|---|---|
Една тарифа | 4,80 | 6,16 |
Висока тарифа | 5,98 | 7,69 |
Ниска тарифа | 2,98 | 3,85 |
За да имаме претстава што значат овие цени, направивме пресметка колку со една плата можело да се купи струја пред 10 години, а колку сега. Според податоците од Државниот завод за статистика, во јануари 2012 година, просечната нето-плата била 20.982 денари. За јануари годинава, секако, се уште нема податоци за плата, а последните што се објавени се однесуваат на октомври 2021 година кога статистичарите пресметале дека просечната нето-плата била 29.145 денари. Ако претпоставиме дека платите ќе се зголемуваат со иста динамика како претодно, кога за 2 месеци, од јули до октомври, се зголемиле за 600 денари, тогаш претпоставуваме дека јануарската плата би била 29.745 денари.
Тргнувајќи од овие податоци можеме да дојдеме до фактите – во 2012 година со една плата сме може да купиме 4.371 киловат-часа електрична енергија, а дека сега можеме да купиме 4.828 киловат-часа. Пресметките се направени така што е земено во предвид како домаќинствата да имаат еднотарифни броила, што всушност е и многу блиска цена од „миксот“ на цените и потрошувачката во високата и ниска тарифа.
Заклучокот од сите бројки би бил: цената на струјата растела побрзо од републичкиот просек на плати. Струјата поскапела за околу 44 процент, но тој раст сега е значително ублажен со намаленото ДДВ од 18 на 5 проценти. Платите пак, за една деценија се зголемиле за околу 40 проценти.
ПЛАТИ „ПРЕТВОРЕНИ“ ВО КИЛОВАТ-ЧАСА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА
Месец и година | Просечна нето-плата (денари) | Цена за една тарифа со ДДВ | Киловат-часа за една просечна нето-плата |
---|---|---|---|
Јануари 2012 | 20.982 | 4,80 | 4.371 |
Октомври 2021 | 29.145 | 5,63 | 5.176 |
Јануари 2022 (претпоставка за плата) | 29.745 | 6,16 | 4.829 |
Редакција Пари