Пари|Ги анализираме цените за сезоната ‒ 2023 година
Колку-толку лесно е во лето. Костум за капење, една крпа и сместување (според можностите) можат да завршат работа и да создадат еден убав летен спомен. Но, зимувањето отсекогаш било привилегија на побогатите, а сега, растот на цените на струјата и на другите енергенти ги прави зимските сместувачки капацитети уште понедостапни. За зима е потребна и соодветна облека, а за оние што сакаат да скијаат и скијачка опрема, која е скапа и за купување и за изнајмување.
Пари ќе ве прошета низ зимските центри во Македонија. Заклучокот до кој дојдовме е дека најевтино е да се помине со санкање на Нижополе. Но, ако падне доволно снег, и картата за скијање таму е најевтина.
МАВРОВО
Нашето истражување на информациите поставени на платформите за изнајмување покажаа дека во Маврово не може да се најде сместување за двајца под 3.000 денари дневно, а за четиричлено семејство под 4.000 денари во помали сместувачки капацитети. Хотелските сместувања се над 100 евра дневно за двајца, или со едно мало дете.
Од познатите хотели, Радика е категоризиран со 5 ѕвезди. Таму ноќевање за двајца чини од 7.300 денари до 16.000 денари во претседателскиот апартман. Цените се со вклучен појадок. За деца до 6 години престојот е бесплатен, а за поголемите деца има пониски цени.
Кога ќе се спомене Маврово вообичаена асоцијација е хотелот Бистра. Таму, од недела заклучно со четврток, може да се престојува по цена од 7.250 денари дневно, но со вклучен појадок и вечера, додека почнувајќи од петок до недела цената е повисока и за двајца изнесува 9.720 денари. Хотелот овозможува бесплатен престој на деца до 6 години, како и 50 проценти попуст на цените за деца од 6 до 12 години.
Во Маврово има снег за скијање, а дополнителна поддршка можат да дадат и топовите за вештачки снег, што ги има во овој скијачки центар.
Картата за жичарницата е 500 денари. Полудневната карта за скијање за деца од 6 до 13 години е 750 денари, за оние од 14 до 23 години изнесува 1.000 денари, а за скијачите од 24 до 70 години е 1.250 денари. Еднодневната карта за деца од 6 до 13 години е 1.050 денари, за оние од 14 до 23 години е 1.250 денари, а за групата од 24 до 70 години е 1.500 денари.
Скијачкиот центар дава можности за попусти на картата за скијање за два или за три дена, а има можност и за сезонска карта за скијање, која во зависност од возраста на скијачот изнесува од 14.000 до 21.000 денари.
Куриозитет е сезонската карта за скијање за пензионери над 70 години, од само 600 денари.
ПОПОВА ШАПКА
Попова Шапка од година во година привлекува сѐ повеќе гости, особено за викендите. Таму има ограничени можности за сместување. Во хотелите „Славија“ и „Попова Шапка“, со кои стопанисува „Елем турс“, сместување на ден по човек е 1.700 денари, полупансион е 2.180 денари, а полн пансион е 2.520 денари. Децата до 5 години можат да престојуваат бесплатно, а од 5 до 12 години можат да користат попуст од 70 проценти.
На Попова Шапка има две тарифи за ски-картите во однос на деновите, па едни се од понеделник заклучно до четврток, а други цени има од петок заклучно со недела. Дневна карта за деца од 6 до 13 години чини 800 денари во делник и 950 денари за викенд, додека полудневната карта чини 500 денари до петок и од петок до недела 650 денари. За возрасната група од 14 до 62 години дневните карти се со цена од 1.100 и 1.300 денари, а полудневните се 800 и 1.000 денари. Граѓаните над 62 години на Попова Шапка можат да скијаат во работен ден до петок за 700 денари ако земат полудневна карта и 1.000 денари за дневна карта, а во викендите и во петок дневната ски-карта ќе ги чини 1.200 денари, а полудневната 900 денари.
Според објавениот ценовник карта, за една употреба на шестоседот и на двоседите до Церипашина и Свети Илија чинат во делник 250 денари, а за викенд 300 денари.
ПЕЛИСТЕР И БАБА ПЛАНИНА
Во близина на Битола има скијачки стази на две планини – на Пелистер и на Баба Планина. Тие зависат од временските прилики и немаат системи за вештачки снег.
На Пелистер најпознат е хотелот Молика, кој го управува „Елем турс“. Таму ноќевање за едно лице е 1.430 денари, полупансион е 1.860 денари, а полн пансион е 2.400 денари. На Пелистер се наоѓа скијачкиот центар Копанки, но се очекува веста дали со последните врнежи ќе може да се скија. Ски-картата е 400 денари за возрасни, а за деца е 300 денари. Лифтот со столица е 200 денари.
На планината Баба е скијачкиот центар Нижополе, управуван од ЈП „Стежево“. Од Битола до скијачкиот центар Нижополе води асфалтен пат со должина од 15 километри. Како што пишува скијачкиот центар на својата фан-страница: Снег за скијање нема, но затоа има доволно за санкање. А, како што информира платформата Кајак.мк, да се изнајми санка во центарот чини само 100 денари за 2 часа. За паркинг на скијачкиот центар не се наплаќа, а седењето во топлото бифе можете да го платите по цени од 50 денари за чај, 60 денари за еспресо или за варено вино. Според објавениот ценовник на skimacedonia.mk, дневната карта за скијање за сезонава е 300 денари.
На падините на Пелистер и Баба има малку сместувачки капацитети, но во Битола може да се најде поголема понуда, и тоа почнувајќи од 1.000 денари за еден ден за двајца, па до 3.300 денари дневно во хотелот Амбасадор.
КРУШЕВО
Со 1.220 метри надморска височина, Крушево претставува единствен планински град во Македонија и највисок град на Балканот. Таму, најниска цена на платформата Букинг е 1.500 денари дневно за двајца, со оценка 9,4. Најскап е хотелот „Панорама хотел енд спа“, каде стандардна двокреветна соба за двајца е 100 евра на ден, со вклучен појадок, но со престојот во овој хотел се добива попуст од 50 проценти за жичарницата и ски-лифтот.
Во Крушево, дневна карта за скијање е 800 денари, а за деца е 600 денари, додека двоседот чини 150 денари.
Ориентациона табела за зимување во Македонија:
Скијачки центар | Сместување за двајца + мало дете (дневно во денари)а | Дневна карта за скијање за возрасни | Дневна карта за скијање за деца |
---|---|---|---|
Маврово | 3.000 до 16.000 | 1.500 | 1.050 |
Попова Шапка | 3.400 | 1.300 | 950 |
Копанки | 1.000 до 3.800 | 400 | 300 |
Нижополе | 1.000 до 3.300 | 300 | 300 |
Крушево | 1.000 до 6.000 | 800 | 600 |
Редакција Пари