Нема да им биде лесно на уставните судии да донесат одлука за укинување на линеарното зголемување на пензиите, иако работата е сосема јасна – на којa страна се Уставот и Законот. Каква и да е одлуката, таа мора да се почитува, а реакциите, коментарите и анализите ќе бидат бурни. Сепак, важно е од сето тоа, и од одлуката и од реакциите, нешто да се научи и од тоа да се израфинираат најдобрите подобрување на пензискиот систем, смета пензионерскиот активист и поранешен даночник, Славко Лазовски.
Темата дека Уставниот суд, односно судијката Добрила Кацарска ќе ги скрати пензиите на повеќе од 70 илјади пензионери, ја одржуваат активна во јавноста претставниците на владејачката партија и на власта. Вклучен е и самиот премиер, кој од собраниската говорница тврдеше дека работата е готова, по што уследи демант од Судот. А, и одлучувањето не е едноставна постапка, затоа што законски е предвидено – за да се донесе одлука потребни се најмалку пет гласови од деветмината уставни судии, кои се изјаснуваат тајно. Воедно, дел од пензионерите излегоа пред пред Уставниот суд, со цел да го заштитат и задржат линеарното зголемување, како подобра солуција во совладувањето на јазот меѓу ниските и високите пензии кој, како што велат е еден спрема седум.
Проблемот со ниските пензии не може да се реши со ускратување од високите.
„Пензионерската сиромаштија не може да ја намалиме ако немаме успеси во борбата против општата сиромаштија. Бројките се сурови: имаме 80.000 вработени кои се во канџите на сивата економија, по своја волја или принудени, за кои не се уплатува придонес за пензиско и инвалидско осигурување. Пописот од 2021 година покажа дека околу 62.000 лица на возраст од над 65 години, кои биле надвор од пензискиот систем, не примаат ниту денар пензија“, вели Лазовски.
Смета дека пензискиот систем е најдобар меѓу поединечните системи во земјата – здравствениот, образовниот, политичкиот…
„Дури, најдобар е и меѓу оние во кои раката на државата е малку подолга: даночниот, царинскиот и други. Сепак, има мегдан, а и самиот систем бара подобрувања. Време е за посериозни подобрувања на пензискиот систем, за да ги избегнеме ваквите, сепак непријатни поделби. Едни се за линеарно, други за процентуално усогласување. Треба да бидем мудри и од сето ова да извлечеме најдобри решенија“, нагласува Лазовски.
Решенија чекаат сите 346.386 корисници на пензија. Без оглед дали се приврзаници на т.н. разумно решение (сугерирано и од Светска банка и од ММФ) базирано на швајцарската формула, усогласување со растот на инфлацијата и на просечната плата. Или на популистичкото – на сите исто, иако во текот на работниот стаж имало значајни разлики меѓу платите и плаќаните придонеси.
„Разликите за тоа кој колку уплаќал во Фондот по основ на придонеси за пензиско-инвалидско осигурување завршуваат со моментот за изготвување на решението за пензија… Тука завршуваат сите тие разлики околу уплатата на придонесите и кој колку придонел во буџетот на Фондот за ПИОМ. Од друга страна, ублажувањето, односно ценовните шокови, инфлација и така натаму, подеднакво влијаат на сите граѓани во државата. Лебот, млекото, јајцата и останатите производи подеднакво се поскапени или услугите и за вас и за мене“, истакна директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов, во неделното интервју за Радио Слобдона Европа.

Сепак, соодносот на силите не ветува дека „робинхудовскиот“ метод може многу да ги промени состојбите. На пример, во земјава има 3.323 пензионери, чиишто месечни примања се над илјада евра. Наспроти нив има армија од 93.392 корисници на најниските законски утврдени пензии со суми од околу 313 до 373 евра. Или, доколку се погледне табелата „Состојба на корисници на пензија по групи на исплата за октомври“, бројката е уште поголема. Тие пензии (од 19.229 до 22.945 денари) легнуваат на 125.157 пензионерски сметки. Дополнително, уште 26.135 лица месецот го врзуваат со примања до 19.228 денари (313 евра).
Колку линеарки се потребни за да се поткрене пензионерскиот стандард? Притоа, и зголемувањата од по една илјадарка да не се сосема изедени или подјадени од инфлацијата. Особено во сегашниве ценовни околности кои создаваат услови за нови поделби по линијата на (не)можноста да се дојде до јаца.
Од сите тие пензии исплатени во октомври произлегува просекот од 441 евро. Во неговата изградба најголем е придонесот на воените, па на старосните пензии.
Освен тие повеќе од 36 отсто од пензионерите со најниски пензии, добар дел, односно 27,13 отсто се во групата кадешто пензионерските примања се од 463 до 736 евра. А, нецел еден процент, поточно 0,96 отсто се приматели на пензиите што го преминуваат прагот од илјада евра.

Меѓу нив се и тие 18 лица, кои и додека работеле имале завидни плати, па и соодветни износи за социјалните давачки. Затоа и имаат месечни приливи од 89 илјади денари, што е еднакво на речиси 1.450 евра. Тој износ го одработиле и заработиле.

Ниските пензии треба да се решат на друг начин. Своевремено имаше барања за донесување закон за просечна пензија, по теркот на минималната плата. Потоа, имаше предлози во одреден временски период да се зголемуваат само најниските пензии, а да бидат изоставени високите. Исто така, се предлагаше и различен процентуален стимул, или повеќе за малите пензии, помалку за големите. Сепак, велат упатените, не смее да се отстапи од швајцарската формула, која дава добри резултати. Но, за тоа е потребен и добар пензиски систем.

Всушност, тензиите само ги исфрлија на површина слабостите во пензискиот систем. Заедно со потребата од воспоставување правила што нема да задираат во стекнатите права. Тоа би значело премин од дневно-политички кон долготрајни одржливи решенија.
М.А.
Аналитика








