ПОВЕЌЕ

    Колку е богата штипска ,,Вабо”, конфекцијата што газдата наместо на децата им ја предаде на 130-те работниците!?

    Време зa читање: 3 минути

    Колку заработува и во каква состојба е штипска ,,Вабо”? Конфекцијата од први јануари ќе премине во рацете на работниците наместо како што традиционално и во најголем дел од македонските бизниси менаџирањето го преземаат децата на сопственикот.

    Конфекцијата работи веќе 25 години, а новините ги најави сопственикот Ване Богдов. Менаџирањето на конфекцијата од јануари ќе го преземат Тања Николова, дипломиран технолог со долгогодишен стаж во фабриката и Дарко Роглев, референт по извоз.

    Колку заработуваше штипската конфекција ,,Вабо” низ годините? Еве што покажуваат бројките:

    Она што може да се забележи е дека конфекцијата иако бележи намалување кај приходите поради корона кризата цело време работи стабилно и со добивка.

    Во 2016-та година оваа конфекција имала приход од 2 милиони евра и добивка 296 илјади евра. Бројот на вработени изнесувал 290.

    2017-та приходот изнесувал 1,9 милиони евра, а профитот 453 илјади евра.

    Наредната 2018-та година кофекцијата генерирала 1,8 милиони евра приход, а ќарот бил 331 илјада евра

    Во 2019-та година во фабриката се свртеле 1,7 милиони евра, додека добивката изнесувала 224 илјади евра.

    Во корона кризата во 2020 очекувано се намалиле приходите, но конфекцијата сепак заработила. Вабо остварил приход од 1,4 милиони евра, а профитот изнесувал 68 илјади евра.

    – Имавме собир на работниците на кои ја објавив мојата одлука, а на тој собир ги претставив Николова и Роглев. Всушност, на работниците им ја дадов на користење фабриката со целата опрема во неа при што во првата година нема да плаќаат никаков надомест, а од втората година, само под услов фабриката да работи со добивка, во што не се сомневам, ќе плаќаат минимална кирија за 1.250 метри квадратни производен простор колку што има конфекцијата – изјави претходно сопственикот, Ване Богдов.

    Тој истакнал дека причината за ваквиот потег е отсуството на мотив за работа, но и фактот дека неговите две деца не сакаат да се занимаваат со конфекциско производство.

    – Во оваа индустриска гранка сум цели 32 години. Почувствував дека кај мене го снемува мотивот за работа, а бидејќи моите две деца не сакаат да се занимаваат со конфекциско производство, воден од примарната цел нашите 130 работници да можат да работат и да остваруваат пристојна плата, се одлучив на ваков чекор. Убеден сум дека работниците и новите раководители, во новонастанатиот амбиент ќе донесат нова енергија и за првите 3-6 месеци (март-јуни 2022 година) ќе го зголемат производството за најмалку пет проценти, а тоа ќе се одрази и на нивните плати. Јас им ветив дека со своите врски со деловниот свет во државите од Западна Европа со кои соработувам цели 25 години, без никаков надомест за себе, ќе им обезбедувам работа на еден подолг временски рок. Јас сум им гарант дека тие редовно ќе земаат плата зашто работа има за многу идни години. Важен е и фактот дека тие нема да имаат режиски работници – вели Ване Богдов.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично