Фолксваген го прескокна SAP и стана највредната германска компанија на пазарот.
Акциите на Фолксваген вчера се искачија за 11 проценти и со тоа пазарната вредност се искачи на 140 милијарди евра. Пазарната капитализација на SAP е 127 милијарди евра.
Обичните акции на Фолксваген пораснаа за 80 проценти од почетокот на годината, додека повеќе ликвидни приоритетни акции скокнаа за 50 проценти од почетокот на годината, пренесува порталот Seebiz.
Аналитичарите викаат дека причината за ваквиот пораст ја гледаат во големиот оптимизам на инвеститорите кон амбициите на германскиот гигант во сегментот на електрични автомобили.
Компанијата во понеделникот објави дека ќе изгради шест фабрики за батерии во Европа до 2030 година за да обезбеди услови за масовно производство на електрични возила. Фолксваген ќе ги гради централите самостојно и во партнерство со други компании и има утврдено производствен капацитет од 240 гигават часови годишно.
„Обезбедуваме долгорочна истакната позиција во трката за најдобра батерија и најдобро корисничко искуство во време на подвижност на нулта емисија (штетни гасови)“, рече извршниот директор на VW, Херберт Дис, на состанокот организиран од компанијата.
До 2023 година, компанијата сака да развие нова, стандардизирана призматична ќелија на батеријата и со тоа да го поддржи планираното намалување на трошоците преку зголемено производство на батерии во сопствените постројки.